Гарванлиев за ,,Фокус”: Се чувствував како победник уште пред да заминам на Евровизија!

by fokus

И покрај тоа што вчера, на првата полуфинална вечер на Евросонг не успеа да влезе во финале, нашиот претставник Васил Гарванлиев имаше забележителен настап. Неговата сигурност на сцената му донесе огромни аплаузи, но кога е музичката манифестација во прашање, очигледно е дека важи правилото – Нема правила, и до последен момент останува неизвесно кој ќе ја однесе победата.

И покрај тоа што натпреварот за Македонија годинава заврши, Гарванлиев за ,,Фокус” вели дека се чувствувал како победник уште пред да замине во Ротердам, без оглед на се што се случувало наоколу.

-Јас сум толку горд на настапот, што дури и немам коментар… Бев мирен, 100.000 проценти бев јас, не претставив во најубаво светло, со искрен, чист глас.
Реков и ќе повторам, јас веќе се чувствував како победник пред да заминам на Евровизија, без разлика на се што се случуваше наоколу.
Верувам, се борам, нема да престанам. Ова е само почетокот! Мора да се цениме и поддржуваме, затоа што сите сме едно срце. Само така ќе успееме и одиме напред и нагоре вели музичарот.

Се заблагодари на сите за поддршката и порача – Прв пат немам зборови, но имаме настап… Тој зборува за сите нас и тие црвено – жолти вибрации.

Покрај Македонија, влез во финале не обезбедија и Хрватска, Словенија, Ирска, Романија и Австралија.
Утре се одржува втората полуфинална вечер, а финалето е на 22-ри мај.

Вики Клинчарова

Поврзани новости