Гарванлиев пристигна без Мери Попова во Ротердам, воодушеви на првата проба на евровизиската сцена

by fokus

Нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев заедно со евровизиската делегација од вчера е во Ротердам, Холандија, каде од 18-ти до 22-ри мај ќе се одржи популарната музичка манифестација.

Според информација од МРТ, годинава има измена, односно шефицата на делегацијата Мери Попова, која на таа функција е околу десет години и беше редовна придружба на нашите евровизиски претставници, не заминала во Холандија.

-Поради скратениот буџет за реализација на проектот и условите коишто ги наметна пандемијата, екипата од МРТ која ќе патува во Ротердам е исклучително мала – објавија од јавниот сервис, појаснувајќи дека годинава екипата која е во Холандија ја сочинуваат новинарката Александра Јовановска, режисерката Тине Матулеси, Јелмаз Дервиши како ПР на Васил, Расел Дејвис кој бил волонтерски соработник на делегацијата, а од Чикаго ќе пристигнеле соработниците на Гарванлиев, Џозефин Ли и Брајан Фарина.

На нашето прашање до Александра Јовановска, зошто шефицата Мери Попова не заминала во Ротердам, и дали тоа можеби значи дека има измени во тимот и евентуално нов шеф на чело на делегацијата, таа само ни потврди дека Попова е во Скопје, и не упати да побараме одговор на прашањата лично од неа.

Шефицата на делегацијата пак, како и во многу наврати досега, не одговори на нашите прашања.

На евровизиската сцена, Гарванлиев веќе ја имаше својата прва проба, од која се објавија видео снимки. Првите впечатоци се ветувачки, талентираниот струмичанец пее од срце, без трема, и доби позитивни критики од љубителите на Евровизија на социјалните мрежи.

Тој ќе настапи на првата полуфинална вечер на 18-ти мај, 6-ти по ред. Големото финале ќе се одржи на 22-ри мај, а директниот пренос ќе се пренесува на Првиот и Вториот канал на Македонската телевизија, со почеток од 21 часот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости