ГАЛЕРИЈА Сонце од Вергина го „грее“ директорскиот кабинет на „Водовод и канализација“

by fokus

Старото раководство на градското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ си замина и остави многу неодговорени прашања зад себе. Барокната зграда со бела фасада крие загадочни агли и предмети. Сместена на кејот од Вардар, позади Владата на Република Македонија, ротондата, како што ги нарекувале кружните објекти во античко време, изобилува со симболи, од кои дел се поставени на необични места.

Барокното здание не одговара на модерното внатрешно уредување. Во зградата на пет ката, фонтана е поставена на секој кат. Од плафонот кон подот течат млазеви вода преку тенки цевки, што остава впечаток на водена завеса. Секој кабинет е детално уреден и осмилен, но највпечатлив е директорскиот.

Новиот директор на јавното претпријатие, Душко Весковски, ги отвори денеска вратите за „Фокус“. Прво што влегува во очи е големото сонце од Вергина на црвениот тепих. Кој помине го гази, што според директорот не е баш почитување на национален симбол.

-Ми смета да гледам таков симбол на подот. Не му е местото таму каде што цело време ќе биде газено. Не е етички, а не е ни патриотски – вели Весковски.

Сонцето со шеснаест краци се наоѓа и на триптих, една од сликите кои ги крсат ѕидовите на администрацијата. Сликите се со големи размери и се масло на платно. Само во директорскио кабинет ги има пет. На нив се насликани мотиви од традиционални етно елементи, христијанска симболика и антички претстави, како профилот на Александар Македонски.

Овие уметнички дела се набавени во постапка со преговарање без објавување на оглас. Автор е македонскиот уметник, Драги Хаџи Николов, а за набавката годинава е платено околу 30.000 евра.

Директорот вели дека ова е само еден дел од луксузот во зградата, наспроти тешката финансиска состојба во која се наоѓа претпријатието. Претходното раководство не штедело кога станува збор за комфор и задоволување на желбите. Од друга страна, пак, додава, во Скопје се уште има места кои немаат водоводна мрежа, ниту пак канализација. Новото раководство на претпријатието ќе направи ревизија за да се утврди колку пари чини зградата и нејзиното опремување.

Зградата на „Водовод и канализација“, инаку, почна да се гради во 2011 година. Поради забавеното темпо во изградбата, финализацијата беше пролонгирана за две години, а двојно се зголемија и трошоците. Според некои пресметки инвестицијата чини околу 21 милион евра, од кои седум милиони евра се кредит што претпријатието ќе го исплаќа во следните години.

Маја Васева

Поврзани новости