(Галерија) Едно дете ни отиде од Неготино, Фросина, па не можеме да се соземеме, само душата им знае на жителите на Кочани како им е!

by Fokus

По помалку од два месеца неготинскиот плоштад повторно замириса на свеќи и траорна тишина го покри градот. Првиот пат се палеа свеќи за згаснатиот живот на младата дизајнерка Фросина Кулакова, која беше прегазена на 29-ти јануари, а денес пак, за душите на 59-те невини младинци чии животи згаснаа во Кочани, во таканареченото кабаре Пулс.

Колоната од граѓани кои во тишина чекаа да запалат свеќа, да остават цвеќе и да се потпишат во книгата на жалоста беше долга. Илјадници неготинци од сите генерации излегоа на градскиот плоштад со грутка во грлото и со прашањето: До кога ќе палиме свеќи за нашите деца?

Голем број на млади оставија транспаренти со поддршка за Кочани, за семејствата и блиските на жртвите, со порачаа дека Кочани тагува, а Македонија плаче.

-Повторно овие слики, повторно свеќи и цвеќе. До кога вака? Па пред помалку од два месеца на собирите за Фросина молевме за правда, молевме да запре неказнивоста и корупцијата, за да не ни гинат децата. Едно толку мало парче земја, а на него толку црнила и неправди, велат неготинци.

Додаваат дека по смртта на Фросина, по бурните јавни реакции, за миг помислиле дека конечно ќе започне да се става крај на безредието во кое е западната земјата, дека на секој сегмент во општеството ќе се посвети внимание, посебно кога станува збор за младите генерации и нивната безбедност. Но, трагедијата во Кочани дојде како уште еден застрашувачки удар, каков што Македонија не памти досега.

-Кочани, како и Неготино е мало место. Едно дете ни отиде од Неготино, Фросина, па уште не можеме да се соземеме. Како им е на жителите на Кочани, можеме само да претпоставуваме, душата им знае…

Колку време ќе им биде потребно на тие луѓе да ја надминат оваа трагедија и дали воопшто некогаш ќе ја надминат? Нашите мисли се со нив, иако знаеме дека сите зборови за утеха се напразни, велат граѓаните.

Во тек на изминатите денови во сите градови во земјава се одржуваат собири на кои им се оддава последна почит на жртвите од пожарот.

На 16-ти март во Кочани животот го изгубија 59 младинци на возраст главно до 25 години, а помеѓу нив имаше и три деца од кои најмладата жртва имаше само 14 години.

Повредени се околу 200 лица, од кои 101 пациент се лекува во странство, а останатите во државните и приватните болници во земјава.

Вики Клинчарова

 

 

 

Поврзани новости