,Галакси Бенд’’ со нов проект: Старите песни не излегуваат од мода!

by Fokus

Галакси Бенд’’ од Кавадарци, кој беше прогласен за ,,Група на годината’’ од слушателите на Радио Кавадарци за 2016 година, деновиве сними нов проект. Станува збор за неколку авторски песни и обработки на стари македонски нумери.

Фронтменот на групата, Васко Мелов, кој е дипломиран музичар, кларинетист, вели дека се радува што старите македонски песни не ја губат својата популарност и публиката секогаш ги слуша со задоволство. Со бендот, новите аранжмани на традиционалните песни ги правеле да бидат поинтересни и лесно прифатливи за помладата публика, но и да ги потсетат повозрасните на подзаборавените нумери, со што се продолжувала нивната популарност и слушаност со генерации.

,,Откако го оформивме бендот, пред околу четири години, не паметам кога сме имале слободен викенд. Редовни сме на сите свадби и семејни свечености во Тиквешијата и драго ни е што нашите сограѓани ни ја даваат довербата да им ги развеселуваме значајните настани. Она што е забележливо на разните прослави е дека нашиот народ, без разлика на возраста, ужива во старите македонски песни кои со децении, да не речам и векови, не губат од популарност. Со цел да ги освежиме најпопуларните стари македонски песни, снимивме нов проект, на кој ги отсвиривме и отпеавме легендарните нумери со нови аранжмани. Притоа, водевме сметка да се сочува и оригиналниот мелос, да не се изгуби од автентичноста на делото, затоа што Македонија е културна ризница на стари песни. Етно звукот ни беше предизвик, и му дадовме мало освежување, современа обработка и помодерен аранжман. Во наш стил на некој начин вративме некои подзаборавени песни, врз кои никогаш не смее да залегне прашина’’ – раскажува Мелов.

И минатата година, во соработка со австралиската ИН ТВ, ,,Галакси Бенд’’ сними повеќе обработки на стари песни, но и три авторски нумери. Помеѓу новите снимани материјали се наоѓаат песните ,,Ангелина’’, ,,Се ми земаш животе’’, ,,Мома крај извор седеше’’ и други.

Мелов додава дека успеале да ја задржат автентичноста на песните, но и да ги прилагодат според денешните продукции. Според него, имаме многу подзаборавени антологиски песни, кои се дел од нашиот народен културен идентитет, и кои препеани во помодерен мелос повторно стануваат популарни кај народот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости