Гаговски: Глупости и небулози се шпекулациите за опасноста на 5Г мрежата

by fokus 11:43
11:43

Глупости и небулози без никаква научна потврда се шпекулациите за опасноста од 5Г мрежа, вели поранешниот прв човек на канцеларијата на „Мајрософт“ во земјава и директор на „ПримАпс“, Илијанчо Гаговски, додавајќи дека оваа мрежа има нејонизирачко зрачење и не може лошо да влијае на здравјето на луѓето.

– 5Г е петтата генерација, наследник на 4Г. 5Г е ознака за петтата генерација безжични комуникациски технологии. 5Г ќе ги користи дел од веќе постоечките фрекфенции кои се користат и со 4Г имено 900 мегахерци, 1.800 мегахерци, 2,6 гигахерци и 3,5 гигахерци. Дополнително, ќе користи фрекфентни опсези и околу 24 гигахерци, 28 гигахерци и 40 гигахерци, со тоа што најексплоатиран ќе биде опсегот околу 26 гигахерци. Највисоките фрекфенции за кои се зборува се 81 до 86 гигахерци, ама тие веројатно нема да бидат мејнстрим – изјави Гаговски за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.

- Advertisements -

Гаговски, кој има повеќе од 23 години професионално искуство во ИТ индустријата, вели дека за разлика од јонизирачко зрачење, кое има доволно енергија да избие електрон од некој атом или молекул и со тоа да го „јонизира“, што може да предизвика штетни последици по човековото здравје, па дури и канцер, нејонизирачко зрачење нема енергија да избие електрон од атом или молекул.

– Тоа значи дека нејонизирачкото зрачење не може да ја растури хемиската врска на молекулот на ДНК и не може да предизвика рак. Нејонизирачко зрачење значи – „немај гајле“ – додава Гаговски.

Откако деновиве на социјалните мрежи се појавија лажни информации дека „Македонски Телеком“ ја активирал пробната 5Г мрежа и дека таа има негативно влијание врз здравјето на граѓаните, реагираше компанијата, демантирајќи ги ваквите тврдења.

– Без докази и факти преку споделување лажни вести и стари медиумски написи од 2018 и 2019 година во погрешен контекст, се креира невистинита и негативна кампања за 5Г мрежата и се шири непотребна паника во услови кога треба да останеме смирени – соопшти „Телекомот“. МИА

Поврзани новости