Габриела Зафирова, сопруга на светскиот вицешампион во бодибилдинг, Тоше Зафиров, деновиве се врати од соседна Србија со две златни медали, односно освои две први места за мис бикини и боди фитнес. Исто така, таа заедно со Тоше како пар се закитила и со сребро, додека Зафиров се пласирал меѓу првите пет натпреварувачи на ПРО натпреварот и обезбедил влез во финалето.

Настанот се случувал во Чуприја, а Зафирови заминале на покана на организаторот и претседател на ИБФФ федерацијата на Србија.

Од претседателот на Светската федерација, Душко Маџаревиќ на Тоше му била продолжена лиценцата за меѓународен судија и сега ќе можел да суди на сите големи светски и европски натпреварувања.

Зафиров е звучно име во бодибилдингот. Започнал да се занимава со овој спорт од својата шеснаесетта година и на Македонија и донесе бројни титули. Исто така, познат е во јавноста и како човек кој што три години беше дел од обезбедувањето на Никола Груевски, се до 2008 година, кога се повлече и целосно се посвети на вежбањето.
Габриела пак, секогаш му била голема поддршка и со години наназад задолжена за неговата специфична исхрана и подготовките пред натпревари. Пред околу четири години, таа ја изненади јавноста, кога за прв пат се појави на државно првенство во бодибилдинг во Македонија, каде во поединечна категорија беше второпласирана, а во конкуренција на двојки со Тоше го освоија првото место.

Тогаш изјави дека постигнатите успеси и се мотив повеќе да продолжи понатаму и професионално да се посвети на бодибилдингот.

Во годините што следеа, таа се закити со бројни награди и признанија, односно златни медали во категоријата фитнес бикини. Нејзината упорност и посветеност се доказ дека кога нешто се сака, нема изговори. Освен што се грижи за домашните обврски, за синот и ќерката, за приготвувањето на храна според посебна програма, Габриела секојдневно наоѓа време и за вежбање. И покрај тоа што подготовките за натпревари умеат да бидат исцрпувачи и тешки, таа ,,машки’’ се справува со предизвиците.

Зафирови веќе се подготвувале за Европското натпреварување во Будимпешта и строгиот режим на исхрана и вежбањето им биле секојдневие.

Вики Клинчарова

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.