Габер во писмо: Со манипулации ја одржувате власта

by Фокус

КОЈ ИМА КРЕДИБИЛИТЕТ?

Во други околности можеби и ќе ми беше чест да одговорам на инсинуацијата на ДПМНЕ дека не сум имал кредибилитет да оценувам несоодветни постапки кои го рушат дигнитетот и jа понижуваат Република Македонија на меѓународен план. Но, кога некој кој не е достоен и нанесува штета на угледот на државата на тој план, а вели во соопштението од 28 јануари 2015 дека немам кредибилитет, е тогаш редно е… – да остане забележено, со име и презиме, а не како затскриените зад некое соопштение за објавување во благонадежните медиуми.

Да дпмнeовци, јас ја потпишав нотата за воспостваување на односите (а не како што велите „за соработка“, а и годината сте ја утнале) со Северна Кореја – со уставното име, но не спомнувате дека во 1993 година ги потпишав и нотите за воспоставување на односите со Франција, Велика Британија, Италија и Гермaнија…, со Руската федерација со уставното име, имав значајна улога во нормализацијата на односите со НР Кина…

Сум немал кредибилитет? Извинете, но сам го отворив и првото дипломатско претставништво на Република Македонија во странство во февруари 1992 година, кога многу од вашите денешни експерти за надворешна политика „си ја собраа опашката“ дома, а некои се вдомија во странски фирми и денес сакаат да ги поддржите и за генерален секретар на ОН, односно си ги вдомија своите чеда во владините институции. Се гордеам дека со колегите со кои, иако во тешки материјални услови, сум ги отворил првите амбасади во странство, за Македонија не да биде изолирана во време на блокадите, за да создадеме пријатели и привлечеме инвестиции, за да се смират тензиите во некои иселенички средини, а не потоа, во ваше време, да се разгорат, за да се отворат, ректорати за македонски јазик, а не потоа, во ваше време, да се затвораат…

Сум немал кредибилитет? Напротив, го имам и се гордеам со членовите на најтесното семејство кои уште во 1930 без вашето ДПМНЕ – лично,  во Лигата на народите во Женева со други македонски адвокати бараа интервенција за угнетувањето на Македонците, кои во НОБ животите ги ставаа во торба борејќи се против воени окупаторски солдатески, кои ја создаваа основата на нашата држава на научен и образовен план, кои лежеа и на Голи оток за своите идеи кои не и се бендисуваа на власта. Што да правам кога такви луѓе ме одгледале!

Велите дека сум немал кредибилитет ни кога како млади студенти скандиравме против „црвената буржуазија“ во 1968 кога баравме поправеден, похуман свет , кога како млад секретар на Амбасада ја открив тајната деноминација за Македонците дека не биле „Грци по род“, или дека со колегите за СР Македонија издејствувавме и потпишавме 13 договори за соработка на СР Македонија со сојузни делови на други држави (Северна Рајна Вестфалија-СР Германија, Емилија Ромања-Италија, Џијангси-НР Кина, Тексас-САД, Узбекистан-СССР…). Кредибилитетот не се црпи со соопштенија како во случајот на ДПМНЕ, туку со дела на единката која зад себе оставила 80-тина статии и 8 книги за историјата, дипломатијата и политикологијата, па нека се викала и Виктор Габер.

Сум немал кредибилитет? Напротив, се гордеам со колегите во органите на државата кои работеа и работат за афирмација на Македонија на надворешен план. За жал, денес вие нив ги деградиравте и ги доведовте во мизерна ситуација, да таворат по десетина во канцеларии во министерствата, а особено во МНР кои со големи надежи, труд и самопрегор се определиле за дипломатијата, а добиваат разочарување, во ситуација кога МНР скоро редовно може да си ги покрие елементарните трошоци за придимензионираната дипломатска мережа во странство и за напредување на вработени во МНР. Со своите постапки докажувате дека немате основни сознанија што е дипломатија, па ја третирате како подарок за партиски кадри, кога на деташираните во странство и на целото МНР (како и на претседателот на Републиката) им ја  доделивте формалната и протоколарната улога во односите со странство. Само, за пример, единствениот дипломат во ОН во Њујорк што побргу да направи – да се подготвува, оди и да ги брани интересите на Македонија на редовните, дневни седници на Комитети, поткомитети, комисии и поткомисии, а во касата да нема пари ни за котизација од 24.000 долари, за што Македонија е изложена на столбот на срамот од страна на генералниот секретар на ОН.

Сум немал ли кредибилитет и кога со голем број колеги – дипломати се обидуваме преку Дипломатскиот клуб во нашето општество и јавност да ја афирмираме значајната улога на дипломатијата во односите на државата со светот. Па кој, ако не овие дипломати, не само преку Меѓународна научна конференција, во вторникот, ја афирмираа Македонија и македонската дипломатија дека одат во чекор со актуелните глобални активности за одржување на сеќавањето за невините жртви на војните и на Нацизмот, за внесување на повисоки стандарди во дипломатијата, за запирање на деградацијата на овој значаен државен сегмент? Владата на ДПМНЕ ли го прави тоа? За неа дипломатијата како да е нужно зло, за да се рече дека имаме и таков државен орган? Па што ќе ви е кога имате партиски штаб за соопштенија, без имиња на екзекутори.

Еве, јас имам име и презиме, како што имаат и моите колеги дипломати. Не е се политика и манипулации во јавноста за да се земе и да се одржи власта, за произволно и без усул да се делат народните, буџетски пари, драги дпмнеовци… Потребна е и визија, одрекување, солидарност и демократија, особено кога се поседува државната каса, за да се оди напред!

Од Виктор Габер, кој нема потреба од „лекторирање“ од било кого за да ви се обрати. Прв и последен пат, бидејќи има поважни работи!

Поврзани новости