Ѓулистана Марковска: Одговорно е раководството, а не цела ВМРО-ДПМНЕ

by Фокус

Главната и носечка улога ја има лидерот на партијата, бидејќи и најголемата одговорност е негова, вклучително и на членовите на Извршниот одбор. Време е одговорноста во партијата да биде со име и со презиме, а да не биде на целата партија, вели поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓулистана Марковска, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Таа тврди дека десетина поранешени пратеници испратиле писмо до актуелното раководство барајќи од нив да се вратат на првичните цели.

– Во овој момент не се работи за организирана група пратеници кои нешто би постигнале од причина што се работи за група ветерани загрижени за општата актуелна политички состојба за државата, каде се движи Македонија и од причина што во далечната 1990 кога ги удривме темелите на независна Македонија, ние зацртавме Македонија да биде и членка на ЕУ и на НАТО. За жал, тоа досега не се случи – истакна Марковска во интервјуто.

Според неа, државата во моментот се наоѓа во најтешките политички и институционални кризи досега.

– За мене излез беше веднаш да се распишат вонредни парламентарни избори, со тоа што претходно би се прочистил избирачкиот список, би имале силна контрола и мониторинг од меѓународната заедница и изборите не би ги организирала оваа влада од причина што претходно имавме сериозен политички момент на акцијата „Пуч“, на „бомбите“ итн. За жал, се изгуби драгоцено време и излезот од сегашнава криза го гледам само во избори коишто би биле само фер, регуларни, праведни. Коишто не би биле само легални, туку би биле и достоинствени од аспект на тоа секој граѓанин да гласа по своите убедувања, а на поради одредена принуденост – вработеност во администрацијата, вработен член во администрацијата или, пак, некои други повисоки цели – додава Марковска.

Поврзани новости