Г.г. Стефан: Пандемијата ни докажа колку човекот е немоќен, луѓето заборавија да веруваат во Бога

by fokus

Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа утринска божикна литургија по повод големиот христијански празник Рожденството Христово – Божик.

Со литургијата чиноначалствуваше поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан во придружба на свештенослужители на МПЦ-ОА.

Во божикната порака, на верниците им посака да се сакаат еден со друг, а оваа година да биде време на победа над злото и непријателството и време кога ќе заврши страдањето од подмолната болест.

Пандемијата, како што истакна, ни докажа колку човекот е немоќен и покрај сета своја самоувереност и сите свои достигнувања и знаења.

– Но, најстрашната пандемија на денешницата е што луѓето заборавија да веруваат во Бога и да ги љубат ближните, а покајанието е најдобриот лек против сите болести на телото и на душата, рече поглаварот на МПЦ-ОА.

Констатирајќи дека и во 21 век за жал продолжува оспорувањето на националното самоопределување и непочитување на човековите права и слободи, поглаварот на МПЦ-ОА порача дека македонскиот народ пред никого и за ништо не треба да отстапува.

– Некои заборавија дека само она што се потпира врз вистината и правдата, дека само тоа што се создава во мир и со љубов, само тоа останува да живее во времето. Сегашноста и иднината не можеле и не можат да создадат минато или по нечија желба да го менуваат истото. Само луѓето и народите поучени од минатото може да се менуваат и да се поправаат за лошото да не се повтори, а историјата ни сведочи дека се што се потпира на сила и невистина, кога тогаш му доаѓа крајот. Затоа како македонски народ пред никого и за ништо да не отстапуваме, истакна г.г. Стефан.

Рожденството Христово – Божик денеска со утрински литургии се одбележа и во останатите храмови на Македонската православна црква.

Поврзани новости