Функционери со недвижности и со заштеди од милиони евра

by Фокус

Богатството, според критериумите за вреднување на луѓето изградени во последните години, е асоцијација на нечесност, разврат, па дури и криминогеност. Но, тоа само по себе не значи дека богатите луѓе своето богатство го стекнале на незаконски и на нелегален начин. Напротив – многумина од нив работеле упорно и напорно, притоа не штедејќи ги својата креативност и инвентивност.

Сепак, таквата вечна дилема се однесува претежно на јавните личности, пред сѐ, на тие што вршат јавна функција во државата. Имено, нивната имотна состојба е под постојана лупа на јавноста бидејќи тие работат за народот и се платени од народот, па секое „пречекорување“ паѓа на нивниот грб.

Без никаква претенциозност и инсинуации, „Фокус“ фрли еден поглед – со каков имот, колку пари и од кога ги стекнале надвор од земјава!

СТАНОВИ ВО ТАМПА, БЕРЛИН И ВО ЛОНДОН

Да почнеме од амбасадорите, чија дипломатска должност подразбира престој во државата каде што ја застапуваат Македонија. Па, оној во најмоќната светска сила, САД, Зоран Јолевски, кој истовремено ги покрива Мексико и Бразил, а воедно е и македонски преговарач во спорот со Грција за името, во анкетниот лист доставен до антикорупционерите како заеднички имот и имот на брачниот партнер пријавил пет стана, две парцели земјоделско земјиште и еден деловен простор, чија вкупна вредност ја пречекорува сумата од еден милион долари. Притоа, еден од становите се наоѓа во Тампа, град на западната страна на Флорида, кој важи за таканаречен „пензионерски рај“.

Според јавно достапните податоци, станот во САД е купен за сума од речиси 360.000 долари во 2004 година, додека на интернет може да се најде податок дека објектот е изграден во 2007 година, што укажува на уплата пред или за време на градба. Како и да е, дотогаш Јолевски 4 години ја вршеше функцијата шеф на кабинет на покојниот македонски претседател Борис Трајковски. Покрај тоа, во неговата биографија стои дека во тој период бил шеф на проектот „Македонско деловно опкружување“ и на проектот за усогласеност со Светската трговска организација, кои биле финансирани од УСАИД, а спроведени од една од водечките американски консултантски фирми „Буз Ален Хамилтон“.

Исто така, овој магистер по меѓународно трговско право и доктор по меѓународна економија служеше во владата и во Министерството за надворешни работи, бил член на одбори на неколку компании и издал две книги.

Уште еден актуелен амбасадор со недвижност во странство, но во Европа, е актуелниот ополномоштен амбасадор во Австрија, Словачка и во Јапонија, Ѓорги Филипов. Покрај двата стана во Скопје и едниот во Охрид, тој поседува и стан од 60 квадратни метри во германскиот град Берлин, во вредност од нешто помалку од 60.000 евра, купен во 2010 година. Токму тогаш нему му завршува петгодишниот престој во овој град како амбасадор во Германија.

Колку за споредба, овој стан вреди исто колку станот на Филипов од 90 квадратни метри во главниот град во Скопје, меѓутоа неколкукратно помалку од земјоделското земјиште во Охрид од над 4.000 метри квадратни, во износ од околу 250.000 евра. Овој вонреден професор на ФИНКИ и претседател на УО на агенцијата за интелектуална сопственост „Берин“ има штеден влог во две странски банки во вкупен износ 31.500 евра, односно 35.000 фунти. А, неговиот сопственички удел во фирмата што ја основал се проценува на половина милион евра.

Актуелниот македонски амбасадор во Црна Гора, Александар Василевски, пак, кој претходно беше протеран од Србија по признавањето на Косово од страна на земјава, додека во меѓувреме прими и остар протест во Бугарија околу добро познатиот случај во Спаска Митрова, на името на брачниот другар посочил стан во една друга европска метропола. Станува збор за стан во главниот град на Англија, Лондон, од 54 квадратни метри, платен речиси 100.000 евра во далечната 1994 години. Тој вреди исто колку и неговиот стан во Скопје од 100 квадратни метри купен уште подалечната 1982 година.

ОД БРИСЕЛ, ВАШИНГТОН И КОЛУМБУС ВО СКОПЈЕ

Покрај амбасадорите, со имот во странство може да се пофалат и многумина од владините министри, главно оние кои дел од своето образование или професионална кариера ја минале во некоја друга држава. Во таа насока, првиот човек на Министерството за надворешни работи, Никола Попоски, на свое име нотирал стан со гаража во Белгија, од 87 квадратни метри, во вредност од 200.000 евра.

Станот е купен во 2007 година, кога првиот човек на МНР, според неговата биографија, работел како раководител на експертска група во Заеднички истражувачки центар при Европската комисија, чие седиште се наоѓа во Брисел, главен град на споменатата европска држава.

Освен него, министерот за финансии Зоран Ставрески, со сопругата Антоанета Ставревска во 2002 година купиле стан од 90 квадратни метри за 150.000 евра во Чеви Чејс, кварт во северниот дел на Вашингтон ДС. Таму се наоѓа седиштето на Светска банка, каде што Ставревски почнува да работи од 2001 година, откако претходно бил дел од Народната банка и од Министерството за финансии.

Сѐ до 2006 година, тој ги вршел следниве функции: советник на извршниот директор на холандската конституенца, консултант во одделение за Европа и Централна Азија за намалување на сиромаштијата, консултант во одделение за операциски политики и услуги за земјите-членки и водечки економист за развојни политики.

Понатаму, и министерот за информатичко општество Иво Ивановски има стан од 80 квадратни метри тежок 35.000 евра, што, според тамошните агенции за недвижности, е речиси најниска цена за која може да се дојде во живеалиште. Станот, кој се наоѓа во Блеклик, регион во Охајо во непосредна близина на најголемиот град во оваа сојузна американска држава на источниот дел, Колумбус, е купен во 2005 година, кога Ивановски бил менаџер на ИТ секторот во една од најголемите светски компании за производство на плексиглас „Пласколит ИНК“.

Пред да стане министер, тој дипломирал токму на државниот универзитет во Колумбус „Охајо стејт“, по што се стекнал со титула магистер по информатички науки на „Франклин универзитетот“.

Исто така, човекот кој веќе седма година е министер за привлекување странски инвестиции, Веле Самак, поседува трособен стан од половина милион долари, заедно со поранешната сопруга Роксана, во Белеву, град во сојузната американска држава на западниот брег – Вашингтон, кој се наоѓа во близина на „дождливиот“ Сиетл. За да ја преземе оваа функција, тој се откажал од функцијата маркетинг-менаџер одговорен за американскиот пазар за производи за деловна интелигенција, во рамки на „Мајкрософт“, мултинационална компанија за компјутерска технологија со 80.000 вработени и годишен приход од 50 милијарди долари, со седиште во Редмонд, Вашингтон.

По дипломирањето на Универзитетот во Чикаго и магистратурата на Универзитетот во Пенсилванија, тој бил потпретседател на една од најголемите финансиски фирми на планетата „Ситигруп“, а со група студенти ја формирал фирмата „Терапас“.

РАБОТА ВО МАКЕДОНИЈА, ПЛАЦОВИ И ШУМИ НАДВОР

Ниту директори на државни органи не го кријат својот имот на атрактивни локации во светските метрополи. Еден од неколкуте примери е поранешниот директор на Агенцијата за странски инвестиции и актуелен прв човек на Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони, Виктор Мизо. Тој запишал стан во „центарот на светот“, Њујорк, поточно во Менхетен, со големина од 85 квадратни метри, во износ од 750.000 долари, како и заштеда во американската Сити банк од 150.000 долари.

По завршувањето гимназија во Скопје, Мизо заминува во САД, каде што го комплетира високото образование завршувајќи и студии на „Харвард бизнис скул“. Потоа тој работи во „Џенерал електрик“ на дизајн на локомотиви, во менаџмент консалтинг компанија, во компанија од индустријата, како менаџер на познати музички диџеи во светот. Со неколку колеги од „Харвард“, пак, основа сопствена компанија во Токио, која се занимава со дистрибуција на дигитални фајлови во 3Г телефонија.

Иако во помал обем, луѓе што се стекнале со имот надвор од државата има и меѓу пратениците, од разни етникуми и партии, па во таа насока, апсолутен рекордер е пратеникот избран од австралиско-азиската изборна единица, Милорад Додевски. Тој има плац од 600 квадратни метри во Мелбурн, главниот град на сојузната држава Викторија, во вредност од 650.000 евра, како и куќа на плац од импозантни 4.000 квадратни метри во истата држава од 420.000 евра, или сѐ на сѐ – над еден милион евра.

Овој, сега 35-годишен функционер таму се преселил уште кога имал 15 години, дипломирал на „Викторија универзитетот“, на отсек маркетинг и менаџмент“, по што почнал сопствен бизнис во сферата на финансиите и банкарството, кој решил да го прекине за да дојде во Скопје.

Од останатите „народни избраници“, и Павле Саздов од американската изборна единица купил куќа во Канада од 425.000 долари оваа 2013 година, кога и подигнал кредит од 340.000 долари, чиј рок на враќање е до 2030 година. Пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев открил дека во Благоевград има стан во изградба од цели 600 квадратни метри, вреден 325.000 евра, но тој во овој бугарски град во близина на источната граница на Македонија, на лично име и на име на брачниот другар има деловен простор од над половина милион евра.

Антонио Милошоски со неговата сопруга купил стан од 50 квадратни метри за 50.000 евра во Ахен, најзападен град во Германија, каде што тој прво магистрирал (Бон), потоа и докторирал (Дуизбург), и на крајот работи како научен соработник до неговото враќање во македонската политика во 2006 година.

Интересно, Хајрула Мисини од албанската владејачка ДУИ поседува еден хектар, или огромни 10.000 квадратни метри шума во косовското село Станкиќ, вредна над 20.000 евра. Неговиот лидер Али Ахмети, пак, без да прецизира точно каде, истакнал земјоделско земјиште во Албанија, тешко 30.000 долари. Најблискиот соработник на првиот човек на „интегративците“, Муса Џафери има стан во косовскиот град Урошевац, купен во 2002 година за 40.000 евра.

Во далечната 1977 година, родителите на уште еден функционер на оваа партија, Ваљон Сарачини, купиле куќа од 320 квадратни метри во црногорскиот град на Јадранско Море Улцињ, која се проценува на 180.000 евра.

ПОВИКОТ НА ТАТКОВИНАТА

Оттаму, безмалку во сите анкетни листови најголема вредност создаваат недвижностите на функционерите, иако за занемарување не се ниту сопственичките удели, штедните влогови, автомобилите… Можеби е логично, лица со најмногу недвижности во странство има меѓу оние избрани и именувани функционери, кои, службено или приватно, сеедно, извесен период престојувале во странство. Како и да е, решиле да го отфрлат тој живот за служба во татковината.

Бездруго, тие се одѕвале на повикот на татковината да се вклучат во домашните политички текови, и малку чудно, на тој начин откажувајќи се од удопствата надвор. Зарем не би било поарно да ги зачуваат позициите во странство и да ги развиваат бизнисите, за да лобираат во светските сили за родната земја, отколку овде да се однесуваат безмалку како статисти?

Без разлика дали се во извршната или во законодавната власт, нивниот учинок во груба смисла може да се изброи најмногу на две раце, без разлика дали се донесени инвестиции, реформски зафати, собраниски настапи…

 

Зоран ЈОЛЕВСКИ, амбасадор во САД
СТАНОТ ВО САД ГО КУПИВ НА КРЕДИТ И ГО ДАВАМ ПОД НАЕМ

Зоран Јолевски, македонски амбасадор во САД, вели дека за целокупниот имот што го поседува во земјава и во странство, уредно плаќа данок во даночните управи.

– Пред преземањето на функцијата амбасадор, јас имав ангажман во една од најреномираните консултантски куќи во САД, за која водев, односно менаџирав два големи проекта во областа на меѓународната трговија, бизнис-климата, инвестиции и развој на услужниот сектор. Моите примања беа во согласност со американските критериуми за лица што водат вакви проекти. Ако го погледнете добро мојот анкетен лист, ќе видите дека договорот за купување на станот во САД е од времето додека работев за американската консултантска куќа и пред да станам амбасадор. Тоа е т.н. инвестмент проперти – имот кој е наменет за издавање, купен со кредит и приходите од него ја покриваат месечната рата што ја плаќам, односно кредитот не го отплаќам од мојата плата – ни изјави амбасадорот Јолевски.

Во однос на деловниот простор во Скопје од околу 350.000 евра, го купил во 2009 година од инвестиција на македонската берза, односно од акциите што ги продал непосредно пред заминувањето за САД и во првите 30 дена од амбасадорскиот мандат во 2007 година, додека за трите стана во Скопје истата година нагласува дека се наследство од неговата сопруга.

– Сакам за подвлечам дека успешните луѓе и тие што создале нешто во животот се почитуваат, а јас во мојот живот сум успеал со труд и знаење да го достигнам врвот како во Македонија, така и во приватниот бизнис во САД – дециден е Јолевски.

Во Америка под кирија?
БИЛ НЕМА КУЌА ВО САД ПОРАДИ „СТАНБЕНИОТ МЕУР“

Двајцата новопромовирани министри за странски инвестиции, меѓу кои Џери Наумов и Бил Павлевски, не впишале недвижност во странство, поточно во САД, и покрај тоа што во оваа држава минале долг и плоден професионален период. Павлевски, кој меѓу другото, вршел менаџерски и инженерски позиции во мултинационалната компанија за информатичка технологија „Хјулит-Пакард“ (Hewlett-Packard Company), купил американска марка возило „мустанг“ за 11.000 евра, орочил над 100.000 евра и се здобил со акции од пола милион евра. Според анкетниот лист, тој нема живеалиште во САД и престојувал под кирија, но, од друга страна, има куќа во Охрид од 250.000 евра, како и имот во охридското село Трпејца од вкупно 300.000 евра.

– Моментално не поседувам куќа во САД поради „хаусинг бабл“ – истакна тој.

За појаснување, овој термин во превод „станбен меур“ значи варирање на цените на недвижности, односно рапидно зголемување и намалување по вештачки пат. По намалување на каматите од страна на банките, со цел раздвижување на економијата, настанува зголемена побарувачка на недвижности, што, пак, создава интерес за купување куќи и станови. Кога каматните стапки ќе се зголемат, пак, пазарот се забавува, што резултира пукање на „меурот“ и урамнотежување на цените.

 

Милорад ДОДЕВСКИ, пратеник
ЕДНИОТ ИМОТ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ, ДРУГИОТ ПОКРАЈ МОРЕ

Запрашан за разликата меѓу квадратурата и цената меѓу недвижностите во Австралија, пратеникот Милорад Додевски вели:

– Во цените има огромна разлика бидејки се две сосема различни локации. Плацот во Мелбурн е на 5 километри од центарот на градот и е во убава населба, додека куќата со голем плац е на 120 километри оддалеченост од центарот на Мелбурн, близу до морето…

Тој посочува дека го заменил бизнисот со јавна функција во државава од патриотски побуди, а најмалку од финансиски причини!

Поврзани новости