Фуере: Договорот е едностран, најголем дел од обврски паѓаат на македонската страна

by fokus

Треба да го прифатиме договорот каков што е бидејќи беше постигнат врз основа на добра волја, вели поранешниот евроамбасадор во земјата Ерван Фуере во интервју за МИА. Тој оценува дека договорот е едностран, затоа што поголемиот дел од обврските паѓаат на македонска страна.

-Како што кажа самиот министер за надворешни работи во Ле Монд, најголемиот дел обврски паѓаат врз македонската страна отколку грчката. Но, притоа, се прашувам зошто беа потребни толку детали во договор за името, има многу повеќе детали, и таа јасна поделба помеѓу она што е македонска словенска култура и хеленската култура, мислам дека ќе ги отежни работите за двете страни во своите обиди да промовираат помирување – смета тој.

Фуере вели дека по еуфоријата на поздравување, многу е важно да има кампања на информирање на јавноста за тоа што содржи договорот и зашто е добар за земјата. Тој истакнува дека треба да се направи голем напор на најавениот референдум, луѓето да не гласат по партиска линија, туку да гласаат за заслугите на договорот.

-Проблемот е што наследството на тоа што се случи со Груевски е толку длабоко што ќе треба многу време да се надмине таа партиска поларизација. Освен ако Владата успее да направи голем напор за референдумот, луѓето ќе гласат по партиска линија, а тоа е жално. Треба да гласаат за заслугите на договорот, а не кого поддржуваат политички – вели Фуере кој додава дека договорот бара детална, транспарентна дебата во општеството, но дека Македонија ја нема таа традиција на јавна дебата

Сега е важно, посочува тој, меѓународната заедница да ги препознае тие напори, а ЕУ да даде зелено светло и да отвори преговори за членство со Македонија.

На прашањето што памти од неговиот мандат како амбасадор во Македонија во однос на овие преговори за името, Фуере одговара:

– Памтам дека Груевски неколку пати, откако беше убеден дека треба да започне дијалог со Папандреу во летото 2009, и по препораката на ЕК за преговори, две недели подоцна го иницираше дијалогот. Но, како што напредуваше стануваше јасно дека немаше заложба од Груевски, бидејќи истовремено ги развиваше сите антички симболи, присвојувањето и демонстрирањето дека тој е големиот бранител на идентитетот. Се сеќавам дека повеќепати ми велеше дека сме на милиметар од конечен договор, но никогаш не се случи. Имаа билатерални средби, но повеќе беше тоа шоу. Мислам дека беше позафатен со неговата стратегија за зајакнување на своето авторитарно владеење, и се осигуруваше дека нема дебата за спорот со името во земјата, блокираше секаков обид, а луѓето што иницираа дебата ги третираше како непријатели на државата.Сметам дека мотивите на Груевски не беа искрени, не беше целта да се помогне туку да се оправда неговата популистичка стратегија – додава тој.

Поврзани новости