Фудбалерот Велинов со семејството заминува во Саудиска Арабија: Со Миа и Мартина и на крај на светот!

by Фокус

Фудбалерот Стојанче Велинов заедно со сопругата Мартина и ќеркичката Миа се сели во Саудиска Арабија. Тој направил трансфер во фудбалскиот клуб Наџран и наскоро ќе го има и својот прв меч во новиот клуб. Неговата сопруга Мартина, поранешен модел и мисица од соседна Бугарија, вели дека моментално со десетмесечната ќеркичка одмораат на море, во Несебар, но наскоро сите заедно заминуваат во Саудиска Арабија.

-Со Стојанче сме насекаде заедно. Нашето семејство едноставно така функционира, не можеме да бидеме разделени. Всушност, тоа и е целта на една фамилија, да се споделува секој момент од животот заеднички, да си бидеме поддршка во добро и во лошо. И на крај на светот да е, сакаме да сме заедно и убаво ни е. Тој моментално ги средува професионалните обврски, па здравје Боже, ако се биде како што треба, со Миа ќе го поддржиме и на тамошните стадиони- раскажува Мартина.

Таа и Стојанче се запознале преку социјалната мрежа ,,Фејсбук’’ и по шест месеци врска тој ја запроси на романтичен начин, на стадион, пред натпревар. Пред две години, како што ни изјави, по долги административни битки, успеала да добие македонска лична карта, и им порача на сите Македонци кои се жалат дека тешко се доаѓа до бугарски пасош да бидат бидат среќни, бидејќи за споредба, добивањето на македонски документи било навистина многу потешко и далеку поголем предизвик и процедура исполнета со стресови и неизвесност.

-Миа немаше ниту 40 дена кога за прв пат ја однесов на стадион, да ја гледа играта на својот татко. Секогаш кога сме во можност заедно со неа го бодриме Стојанче од трибините, така ќе биде и сега, во Саудиска Арабија – вели гордата сопруга.

Фудбалскиот клуб Наџран на македонската фудбалска публика и е познат по тоа што во сезоната 2013/14, поранешниот селектор на репрезентацијата, Ѓоко Хаџиевски, го предводеше овој клуб, со кој клубот стигна до Голф Купот, едно од најголемите натпреварувања во Персискиот залив. Велинов во минатото играше за повеќе клубови, помеѓу кои Брегалница, Силекс, Тетекс, Ренова и Работнички.

Вики Клинчарова

Поврзани новости