Фудбалер на Вардар тепал пред дискотека во Скопје?

by Фокус

Синоќа во центарот на Скопје фудбалер на Вардар бил вклучен во тепачка, откако ја напуштил дискотеката ХО.

Инцидентот се случил кога при напуштањето на дискотеката, една девојка кој била во неговото друштво била повикана од нејзин другар да ја испрати до дома. Фудбалерот тогаш влегол во расправија со другарот на девојката и со неговиот цимер, бидејќи сакал девојката да остане во негово друштво.

Според двајцата нападнати, тие се обиделе да ја смират ситуацијата и иако фудбалерот им се заканувал, тргнале да си одат кон улицата Максим Горки. Пред туристичката агенција „Магелан“ на Максим Горки, во три часот и триесет минути после полноќ, фудбалерот на Вардар и тројцата негови другари ги стигнале и им се нафрлиле со тупаници.

Едниот од нападнатите бил удрен и со стаклена чаша по тилот, по што паднал на земја. Откако успеале некако да се извлечат, двајцата другари избегале кон Соборниот храм од каде пријавиле во полиција. Со брза помош и со полициска придружба биле пренесени во Државна болница, но таму веќе биле стигнати фудбалерот на Вардар и неговите другари, па за да не дојде до повторен инцидент, двајцата другари ги препратиле во Градска болница.

Еден од нападнати за Фокус рече дека стравува дека со врските кои ги има фудбалерот на Вардар може да ги намести него и неговиот другар како предизвикувачи на тепачката и така да се извлече. Тој се сомнева дека некој го подучил фудбалерот веднаш по тепачката да отиде во Државна болница за да извади лекарско уверение за нанесени повреди.

Фокус се јави во СВР-Скопје за потврда на овој инцидент, но оттаму рекоа дека според новите процедури за секоја изјава требало да се испрати официјално писмено барање по што тоа ќе било процесиурано.

 

Поврзани новости