ФРОДЕМ: Веднаш по конгресот, валканите танчари меѓу реформаторите побрзаа на тајна средба за партиска позиција

by Фокус

Задоцнетата постапка за промена на статутот на ВМРО-ДПМНЕ не може да ја легализира нелегалната постапка и избор на претседател на ДПМНЕ, реагираат од ФРОДЕМ по отворањето на процес за промена на партискиот статут од новото раководство на ДПМНЕ, што ја прифати и иницијативата за реформи и демократизација на партијата.

„По налог и желба на неколкумина од нив, кои одглумија лидери во сенка, другите чесни и искрени реформатори го одмолчаа одржувањето на нелегалниот Конгрес и нелегалниот избор на претседател. Несвесно и наивно им оставија простор на валканите партиски танчери, исклучиво кариерно настроени персони, да го реализираат претходно договореното. Тие неколумина довчерашни анонимуси не дочекаа да се раздени денот по Конгресот и веднаш побрзаа на тајна средба и договор за партиска позиција“, велат од ФРОДЕМ.

Сето тоа, истакнуваат од таму, фрли темна сенка на поддршката која ФРОДЕМ им ја дала на реформаторите при првото нивно појавување во јавноста и на желбата за заедничко дејствување.

„Целта на неколкутемина валкани танчери беше да го замајуваат незадоволното партиско членство додека се случат козметички промени во партијата, по волја и терк на претходната партиска номенклатура, а под диригентска палка на новата партиската кукла. Времето покажа дека зад сето ова стои сценарио скроено во подземните и мувлосани лавиринти во белиот дворец кое конечно излезе на површина“, велат ФРОДЕМ.

Поврзани новости