ФРОДЕМ: Македонија жртва на партизирано, диригирано и корумпирано судство

by Fokus

Препораките од извештајот на „Прибе“ се јасни. Потребнаа е правосудна и безбедносна реформа и оставки на досегашните партиски послушници и егзекутори. Во оваа смисла, го повикуваме Зврлевски да не чека и тактизира, туку веднаш да поднесе оставка, реагираат од ФРОДЕМ.

– Секоја секунда останување на функцијата значи тешко влошување на неговата положба. Истовремено, веднаш бараме оставки од партизираните членови на Советот на јавни обвинители и од Судскиот совет, и од директорката на Академијата за судии и јавни обвинители. Македонија во режимските години беше жртва на партизирано, диригирано и корумпирано судство. Марионетите во правосудството треба веднаш да поднесат оставки. ФРОДЕМ не го осудува целото правосудство. Напротив, ФРОДЕМ смета дека има доволно чесни професионалци, вистински правници кои правосудството треба да го преземат во свои раце. Нацијата е жедна за фер судство, за правда, за неселективност и чесни јуристи – се наведува во соопштението.

Според нив, секое одлагање на оставките значи опструкција на правдата на која чекаат огромен број граѓани.

– ФРОДЕМ, во овој момент, не сака да потсетува на тешките последици на огромниот број монтирани партиско-полициски случаи и со тоа да го предизвикува гневот на малтретираните и обесправените. Не сака да потсетува како е во 5 часот рано наутро, цели ескадрони специјалци да влегуваат по домови и да плашат деца и жени. Не сака да потсетува на идиотските, лекомислени проценки на криминалната партиска врхушка дека божем со овие монтирани акции ќе ја дефокусираат јавноста од својот тежок криминал. Не сака да потсетува на лакомите награди на „џандарите“ и другите кои лапаа пари за монтираните случаи. Не сака да потсетува на поедини адвокати кои начекуваа семејства во неволја за да им ги земат парите и да им дадат лажни надежи – продолжува понатаму во соопштението.

 

 

Поврзани новости