ФРОДЕМ бара целосна имплементација на Рамковниот договор

by fokus

ФРОДЕМ по повод 15 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, цени дека е потребна целосна имплементација на договореното.

Според нив, целосната имплементација на Охридскиот и на Пржинскиот договор се основа за стабилна Македонија, додавајќи дека слабостите при спроведувањето на Охрискиот рамковен договор треба да се отстранат, а факторите кои можат да го релативизираат или загрозат да се анулираат. А такви би можеле да бидат следните:

– Во однос на тековната имплементација не смее да се дозволи вработените во јавната администрацијата по основ на рамковниот договор да седат дома и да не работат и да земаат плата, а во исто време да има нови вработувања. Сето ова во иднина мора да  доведе до потреба од драстично намалување на администрацијата поради висока превработеност, но и поради презадолженост на државата.

– Во однос на почитувањето на Охридскиот рамковен договор, ФРОДЕМ цени дека не помалку важен е договорот од Пржино и дека е потребна истата посветеност и за негово имплементирање. Првиот произлезе од етничкиот конфликт, вториот од суспендирање на основните човекови права и партизацијата на државата. Имено, извесен период Пржинскиот договор е цел на злонамерните напади дека делови од договорот не биле во согласност со „правниот поредок“.

ФРОДЕМ нагласува дека ваквите смислени провокации и изговори за неспроведување на договорот индиректно го отвораат прашањето на правната основаност на сите други политички договори, вклучително и на Охридскиот договор. Субјектите кои ги пласираат овие напади индиретно, свесно или несвесно, целат на договореното и потпишаното во Охрид, на 13 август 2001 година.

Најголема слабост односно опасност за целосна имплементација, но и за поткопување на Охридскиот договор, лежи во однесувањето на партијата ДУИ (политичкото крило на ОНА). Имено оваа политичка партија повеќе од 8 години учествува во власт, која почнувајќи од 2011 година, по пат на крајно сомнителни избори (исто како и нејзиниот коалиционен партнер) добива власта и врши партизација на целата држава. Со други зборови ДУИ подолг период активно учествува во одржувањето на режимот.

ФРОДЕМ можеби може да разбере дека станува збор за непријатна коалициона позиција на ДУИ која донекаде излегува од рамките на нејзината моќ. Но, никако не може да разбере зошто ДУИ длабоко влезе во тоталитарните чизми на активна, јавна и тајна, одбрана на врхушката на ДПМНЕ. Зошто грижата за судбината на врхушката на ДПМНЕ е приоритет на поединци во ДУИ. Што е тоа што тогашните т.н  борци за „човекови права“ ги натерало да се фатат за оружје, а што не можеле по мирен договорен пат да го добијат? Како што впрочем сега го добиваат и го даваат.

Затоа, загрижувачка е нивната сервилност. Доколку станува збор за прагматична сервилност поврзана со „тендерската љубов“, тогаш прашањето е помалку загрижувачко. Но, доколку станува збор за друго тогаш треба сериозно да се загрижиме!? Загриженоста може да оди во две насоки. Ако поединци од ДУИ најсервилно ги бранат оние што создадоа режим, и ако практично ДУИ стана дел од режимот, дали на тој начин индиректно не се работи на продлабочување на тешката криза во која се наоѓа земјава, со што се загрозува иднината на Македонија. Со тоа се загрозува и Охридскиот рамковен договор и се друго во државата. Втората загриженост треба да ја бараме во постоењето на иста ретроградна квази-иделошка матрица која земјава никогаш не ќе може да ја поведе напред, а уште помалку евроатлански да ја интегрира?

ФРОДЕМ особено ја цени позитивната улога на нашите стратешки пријатели во спроведувањето на договореното. Очигледно јазикот кои тие го говорат не е разбирлив за режимот. Затоа, повеќе од неопходна е нивна поактивна улога во наредниот период.

Поврзани новости