Во пресрет на матурските забави, веќе се во тек подготовките на младите луѓе кои сакаат да заблескаат за време на овој животен настан, кога го започнуваат патот кон зрелоста и завршуваат со едно поглавје од својот живот. Се купуваат или пак шијат фустани и костуми, се договара шминка, маникир, фризура…

Сепак, вистината е дека колку и да сакаат, голем е бројот на оние матуранти кои се принудени да се откажат од многу свои желби за матурската забава, најчесто поради лошата финансиска состојба на родителите.

Токму една таква случка ја мотивирала фризерката Маре Поп – Зафирова од Струмица да ја покаже својата хуманост и да им излезе во пресрет на матурантите кои не се можност да си го дозволат изгледот кој што го посакуваат за забавата, па се понудила да им прави бесплатни фризури на сите оние чии семејства се наоѓаат во тешка материјална состојба.

-Вчера дојде едно девојче во салонот и ме праша колку чини фризурата која што ја посакувала за матурската вечер. И ја кажав цената, и беше некако незгодно, се гледаше дека нема доволно пари. Едвај некако засрамено ме замоли дали може да и намалам цена. Ми се скрши срцето, многу се растажив… Го погледнав девојчето, целото збунето, и му реков дека бесплатно ќе му направам фризура. Не му се веруваше, но многу се израдува. Сфатив дека тоа не е единственото девојче во таква состојба, па затоа на мојот Фејсбук профил објавив дека матуранти од социјално загрозени семејства можат да дојдат и да закажат бесплатна фризура за забавата кај мене. Се работи за три дена, колку што е одржувањето на матурските, и можам без проблем да направам околу 25 фризури во тој период. Ги охрабрувам матурантите да ме побараат – ни раскажа Маре.

Таа веќе триесет години работела како фризерка во Струмица. Ја знаеле сите во градот и не било прв пат да се понуди да работи бесплатно, во име на хуманоста.


– Растев со мајка ми која беше самохран родител и со браќата, многу добро ми познато како е да немаш. Затоа и сакам да помогнам, сите матуранти да се чувствуваат посебно на овој за нив важен настан – изјави хуманата фризерка.
Вики Клинчарова

 

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.