„Фридoм хаус“ посвети поглавје на Македонија: ВМРО-ДПМНЕ ги бие последните битки да ги спаси своите функционери од затвор

by fokus

Македонија е светла точка во најновиот извештај на американската невладина организација „Фридoм Хаус“, во кој се бележат подобри прогнози и оценки како резултат на промената на власта. Во новиот извештај Македонија е во друштво на Узбекистан и Естонија, но само затоа што бележи напредок. Всушност за прв пат по осум години Македонија добива пофалби.

Како што се наведува во извештајот, промената на власта во јуни донесе со себе и шанса да се повратат изгубените години на зарабона држава и да се решаваат долгогодишните спорови со соседите кои го кочеа развојот на земјата.

„Поправањето на нанесената штета врз македонската демократија ќе покаже дека граѓанското мобилизирање и меѓународната посветеност можат да направат сериозен напредок. Македонија заслужува шанса за пристапување во ЕУ“, порачуваат од таму.

На Македонија и е посветено посебно поглавје во извештајот. Поглавјето го носи името „Ослободување на заробената држава“. Сепак на мапата Македонија е се уште во групата на хибридни режими, заедно со Косово, Албанија и БиХ.

Во Македонија „Фридом Хаус“ ги гледа најголемите шанси за демократски напредок од цела Европа.

„Иако земјата е мала, можностите се големи. Успехот во Македонија ќе значи прекршување на деценискиот континуитет на заробена држава, а со тоа и решавање по мирен пат на билатералните прашања кои го кочеа политичкиот и економскиот прогрес во регионот“, се наведува.

Од „Фридам Хаус“ потсетуваат како дојде до промена на власта. Од таму велат дека во 2016 година изборите беа неколку пати одложувани и наведуваат дека причина за тоа е затоа што ВМРО-ДПМНЕ ги опструираше реформите кои се однесуваат на медиумите, судството и изборниот систем. Во исто време, се наведува, ги отежнуваа истрагите на СЈО преку контролата на судството и Министерството за внатрешни работи, а со помош на претседателот Ѓорге Иванов.

„Кога изборите беа конечно одржани во декември 2016 година, резултираа со мала разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Но затоа што се заоструваше националистичка реторика на ВМРО-ДПМНЕ, партиите на етничките Албанци одбија да коалицираат. По неколку месеци СДСМ постигна коалициски договор со албанските партии“, пишува „Фридам хаус“.

Понатаму се потсетува на настаните од 27-ми април и упадот во Собранието, што сепак не го спречило формирањето на Владата.

„Новата Влада е сериозно посветена да ја разбие заробената држава која ја воспостави ВМРО-ДПМНЕ. Од своја страна ВМРО-ДПМНЕ ја бие последната битка да ги спаси првите луѓе на партијата од затвор на тој начин што ја опструира работата на парламентот и се обидува да го разгори македонското национално чувство. Не успеа да спречи формирање на Владата, но тековното прашање за името со Грција и обврските што СДСМ ги презеде кон албанските партии при формирање на коалицијата, овозможија ВМРО-ДПМНЕ да им се додворува на македонските националисти“, велат од „Фридом Хаус“.

Понатаму се додава во извештајот дека СДСМ и коалициајта ќе постигнат значителен успех доколку биде решен спорот за името. На тој начин ќе се отвори патот кон ЕУ и НАТО и ќе се обезбеди огромен меѓународен поттик за Владата на Заев.

„Иако ЕУ отворено ја поддржува новата Влада, рацете на земјите членки се врзани се додека Грција не се откаже од приговорите за официјално отворање на пристапни преговори“, велат од американската организација.

Од таму додаваат дека доколку се реши името, дури тогаш ќе почне тешката работа.

„Новата коалиција ќе има потешкотии да се справи со она што ВМРО-ДПМНЕ го градеше со години за да си обезбеди клиентелистичка мрежа, а уште потешко ќе биде да се справи со тоа без да влезе во нови злоупотреби. Во овој момент, новата Владата заслужува силна поддршка од САД и ЕУ, како и притисок врз Грција да се дојде до решение на спорот, но и асистенција во враќање на државата од заробената состојба“, се нагласува во извештајот.

М.В.

Поврзани новости