Французите му удрија жестока шлаканица на Емануел Макрон

by Fokus

Француските гласачи се погрижија да ја направат политичката сцена на земјата многу подинамична, непредвидлива и неизвесна. Желбата за обновување на политичката класа, што ги зафати  Французите пред пет години, сега го погоди и го спречи Емануел Макрон да добие апсолутно мнозинство. Се чини францускиот претседател  ќе треба драстично да го промени својот метод на работа

Пишува: Тони Гламчевски

Штом ќе се активира, dégagisme (дегажизм) во слободен превод – бришката или метлата, се покажува како изборен механизам што е речиси невозможно да се запре. Емануел Макрон дојде на власт со помош на овој моќен феномен на отфрлање на неговите претходници, како и на неговите конкуренти од традиционалните партии.

Емануел Макрон мислеше дека го избегна овој феномен, со неговиот реизбор за претседател, пред речиси два месеца. Но, ништо од тоа. По вториот круг од  парламентарните избори, Макрон се најде соочен со ситуација без преседан, нешто слично како онаа што беше кога тој беше избран, пет години претходно.

За време на кратката и многу инвективна кампања меѓу двата круга, откако Макрон мислеше ќе ја прелета истата, како и за претседателските избори, претседателот не штедеше на нападите врз крајната левица, изедначувајќи ја со крајната десница. Заборавајќи дека пред пет години, а исто така и пред два месеца, тој дојде на власт во вториот круг, благодарение на гласачите од левицата, кои сакаа да застанат на патот на Марин Ле Пен.

Гласањето-санкција е без еквивалент по ваквиот неодамнешен реизбор, (првпат реизбран претседател да не добие парламентарно мнозинство) речиси го преполови бројот на пратеници на неговата партија, Републиката во Марш (ЛРМ), во коалицијата Заедно!, на која ѝ недостигаат повеќе од 40 места за да се постигне апсолутно мнозинство.

Неговото мнозинство беше толку широко во текот на првиот петгодишен мандат, а парламентарната опозиција непостоечка. Затоа, тој сега ќе мора да работи, а тоа нема ниту најмалку да му биде лесно со  релативно послабо мнозинство и помалку посакувано од она со кое Франсоа Митеран се соочи со неговиот премиер Мишел Рокар по неговиот реизбор во 1988 година.

Отфрлањето на Макрон и неговата политика е видливо со не изборот на водечките лидери на Републиката во Марш. Ако премиерката Елизабет Борн е избрана не така лесно – ова е нејзин прв изборен мандат, досегашниот претседател на Националното собрание Ришар Феран и претседателот на пратеничката група на Републиката во Марш Кристоф Кастанер, поранешен министер за внатрешни работи, потоа, Амели Моншалан не се избрани за пратеници. Со што партијата на Макрон е силно погодена.

Но, бројката што повеќе од сите други го потврдува неуспехот на претседателот Макрон е силниот подем на екстремистичките партии.

Во новото Национално собрание, според пребројувањето на „Ле Монд“, ќе седнат 91 пратеник од крајната десница, меѓу кои 89 од Националниот митинг. Оваа бројка претставува трипати повеќе од историскиот врв што го достигна Националниот фронт на Жан-Мари Ле Пен во 1986 година. Овојпат без пропорционална застапеност, како што беше случајот во тоа време.

Во мнозинското гласање, за кое се вели дека е толку казнувачко за нејзините кандидати, Марин Ле Пен го освои овој успех на крајот на кампањата толку опуштена, што и самата изгледаше изненадена. Но, нејзините кандидати се сите познати на локално ниво, длабоко вкоренети и блиски до секојдневните грижи на обичните Французи, за чии грижи Макрон не покажа многу разбирање, иако честопати се каеше за она што го кажуваше.

Со својот глас, гласачите се чини дека го повикаа Макрон радикално да го промени својот метод: повеќе да не владее сам или речиси сам, да се согласи да дебатира, да одвои време да убедува, да составува наместо да наметнува.

Поврзани новости