Француските медиуми збунети од славењето: Кој победи во Македонија?

by fokus

Францускиот печат со големо внимание ја проследи завршната фаза од предизборната кампања и изборите во Македонија, јавува дописникот на МИА од Париз.

Изутринава, повеќе веб портали на францускиот дневен и неделен печат, како на пример париски „Ле Монд“, меѓународното француско радио РФИ, неделникот „Нувел Обсе“, насловуваат дека и владеjачката партија и опозицијата, сите прогласија победа по вчерашното гласање. Притоа се пренесуваат изјавите на Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Заев лидерот на СДСМ, опишувајќи ја славеничката атмосфера во Скопје. Иако ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови од СДСМ, парадоксално опозицискиот СДСМ славеше на улиците во Скопје, забележува РФИ.

„Евроњуз“ од своја страна изутринава се запрашува „кој победи на изборите“.

Според „Нувел Обс“, со оглед дека двете партии се многу блиску според освоените гласови, во секој случај и едната или другата, ако сакаат да владеат ќе мораат да си пронајдат сојузници, посебно меѓу политичките партии на претставниците на албанското население. Според неделникот, во поповолна улога кај политичките партии на албанското малцинство се наоѓа ДУИ на Али Ахмети.

Претходно, повеќе француски медиуми имаа објавено поопширни репортажи од нивните специјални известувачи за политичката ситуација во Македонија пред изборите и за текот на изборната кампања.

Поврзани новости