Францускиот амбасадор во Србија: Ако сакате во ЕУ, треба да исполните услови

by Fokus

На дискусија на тема „Франција и Западен Балкан, Фалкони истакнал дека е дадено ветување за Западен Балкан и тоа останува, но и оти за влез во Унијата неопходни се искрени напори од земјите-кандидати за исполнување на условите.

Амбасадорот испратил порача и дека регионот треба да се направи попривлечен за француската јавност
За членство во Европската Унија (ЕУ) не се преговара, туку за тоа е потребно да се исполнат условите кои се бараат од земјата-кандидат, порача францускиот амбасадор во Србија, Жан Луи Фалкони на онлајн дискусија „Франција и европската интеграција на Западен Балкан“.

-Тоа не се преговори. Ако сакате во ЕУ, постојат услови кои мора да ги исполните. Ако нема искрена желба од страна земјата-кандидат да ги вложи сите напори за исполнување на тие услови, тогаш нема да се случи ништо, вели Фалкони, пренесува „Радио Слободна Европа“.

На дискусијата, амбасадорот порачал дека Франција е одлучна во поддршката земјите од Западен Балкан да станат дел од ЕУ и потсетил дека такво ветување е дадено на самитот на Унијата во Загреб 2020. Тој коментирал дека намерата е да се исполни тоа ветување, кое не е само убави зборови туку искрено ветување.

Фалкони исто така потенцирал и оти вакво ветување не е дадено ниту на еден друг регион или земја.

-Визијата на Франција е дека мора да се одржи рамнотежа помеѓу проширувањето и кохезијата во ЕУ и таа рамнотежа се одржува со Балканот во ЕУ, вели амбасадорот.

Според него, во Франција треба да се посвети внимание на зголемување на популарноста на ЕУ, но и на тоа Западен Балкан да се направи привлечен за француската јавност.

Фалкони ја коментирал и новата методологија што ја предложи неговата земја велејќи дека таа можеби е воведена предоцна, но и дека е разочарувачки што сè уште се чека Брисел да објасни како истата ќе се применува.

Поврзани новости