Франција и Германија по вторпат воведуваат национален карантин, да се избегнуваат собири по дома, излегување по потреба со пополнување формулар

by Fokus

Франција од утре, а Германија од понеделник влегуваат во делумен национален карантин, во обид да се сопре ширењето на коронавирусот и да се растоварат болничките капацитети, бидејќи одделите за интензивна нега забрзано се полнат.

Ова следува откако Германија вчера регистрираше рекордна бројка од 15.000 нови случаи на коронавирус, додека дневната смртност од ковид-19 во Франција е највисока од април. Ангела Меркел и Емануел Макрон предупредија дека двете земји се соочуваат со тежок втор бран и дека мора веднаш да се дејствува за да се избегнат посериозни последици.

Карантинот во Германија ќе трае цел ноември, а условите ги прифатиле сите 16 лидери на сојузните покраини:

-Баровите се затвораат, а рестораните ќе работат само со нарачки
-Се затвораат салоните за тетовирање и масажа, теретаните и базените
-Нема да работат ни културните установи, како кината и театрите
-Училиштата и градинките остануваат отворени, исто како и продавниците
-Социјалните контакти се ограничуваат на две домаќинства со максимум десет луѓе, додека ноќевање во хотел се забранува, освен ако не е неопходно, домашниот туризам запира
-Собирите во приватните домови треба да се избегнуваат.

Макрон кажа дека карантинот во Франција ќе трае најмалку до 1 декември и премиерот Кастекс вечерва ќе ги изнесе деталите, но тој ќе подразбира:

-Се затвораат сите несуштински бизниси, како ресторани и барови
-Училиштата, фабриките и градилиштата продолжуваат со работа
-Излегувањето од дома ќе биде дозволено само од неколку причини, како работа, посета на лекар, неопходно пазарување и едночасовна рекреација, за што ќе мора да се пополни формулар
-Јавните собири се забранети.

Поврзани новости