Фракцијата на ВМРО-ДПМНЕ: Скоро 1/5 од членките на ЕУ го поддржале „нон пејперот“

by fokus

Поддршката на „Нон пејперот” на скоро 1/5 од државите членки на ЕУ (Франција, Холандија, Белгија, Данска и Лукембург), укажува дека граѓаните на Република Македонија мора сериозно да бидат загрижени за евроатланската иднина на сопствената држава, наспроти розовата слика која сака да ни ја претстави Владата на Зоран Заев. Актуелната влада исто како и владата на Груевски се служи со манипулации и замена на тези. Премиерот Заев и неговата влада мора да знаат дека поддршката од мнозинството членки на ЕУ, е сепак помалку од потребниот консензус на сите држави членки на ЕУ за отпочнување на преговорите за членство, велат од ВМРО-ДПМНЕ-Демократска фракција.

Според фракционерите во ВМРО-ДПМНЕ со објавувањето на „Нон пејперот” станува јасно дека позитивниот Извештај на ЕК од пред неколку недели е само политички инструмент и средство за мотивција, како што велат, со кој и се даде дополнителна шанса на Владата на РМ да го стори тоа што мора да го стори. Реформи и реформи.

„Сега на сите им станува јасно дека голата замена на власта на едни со други и промената во општата атмосфера во државата, не довеле до суштински напредок во спроведувањето на итните реформски приоритети. Отсуствуваат клучните реформи во правосудството, деполитизација на јавната администрација и во борбата против корупцијата и организираниот криминал. А за тоа се потребни квалитетни и чесни личности во извршната власт, а не шарени шминкери и манекени, партиски мешетари и недоквалификувани кадри и лица од црните листи.

Господине премиере! Наместо постојано да ширите нереален оптимизам во врска со изнаоѓање на решение за спорот со нашиот јужен сосед како единствен услов за влез во ЕУ, Ви препорачуваме максимално да се посветите на внатрешните проблеми и клучните реформски зафати. Само со подигање на животниот стандард на граѓаните, со еднаквост на сите пред законите и без селективна правда, со администрација како сервис на граѓаните и со дебели казни за сторителите на криминалот и корупцијата, ќе станеме европејци и ќе почуствуваме дека конечно дојде „живот”. Во спротивно на добар пат сте да го изодите истиот пат како и Вашиот претходник Груевски.

Граѓаните не се со кратко паметење и знаат да казнуваат. Овој пат на казната за неспособноста да се решат клучните прашања, нема да се чека цели единаесет години“, му порачуваат од демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, на премиерот, Зоран Заев.

Поврзани новости