Фракцијата на ВМРО-ДПМНЕ и официјално основана: Постоиме поради безидејноста и импровизацијата на партискиот врв

by fokus

Денеска и официјално е основана првата Демократса фракција на ВМРО-ДПМНЕ, известуваат од таму. Тие велат дека се основани врз основа на уставно загарантираните човекови слободи и права, заради остварување и заштита на личните и политичките слободи и права, а истовремено инспирирани од практикувањето на партиската демократија во европските сестрински народни партии, но истовремено како што додаваат, свесни за одговорноста што ја имаат како долгогодишни партиски и политички личности.

„Демократската фракција на ВМРО ДПМНЕ е автономно организиран и структуриран дел од партијата, со поинакво поимање и пристап кон програмските определби, цели и приоритети на партијата, како и во заложбата за доследно практикување на изворните принципи на конзервативната идеологија. Се работи за изнуден, но пред се принципиелен, патриотски и морален одговор на нашата сé поголема загриженост за правецот во кој што се движи нашата партија како резултат на обидот за фамилијаризација на партијата, на неодговорниот, авторитарен и неетички начин на досегашното партиско владеење и управување“, стои во соопштението на фракционерите.

Од таму појаснуваат дека причините лежат во досегашно промовирање и водење на недослена партиска политика, распната помеѓу реалноста и фикцијата, безидејноста и импровизацијата, немањето капацитет и храброст да се биде самостоен наспроти внатрешниот и надворешниот притисок, како и политика распната помеѓу вистината и лагата, која како што велат, станала неизоставен елемент на политичкото опстојување.

„Како долгогодишни партијци (најголем дел, членови од самото основање на партијата) не можеме да се согласиме и да дозволиме понатамошна централизација и узурпација на партијата од страна на највисоки партискиот врв како и создавање на нелогичните партиски сојузништва (коалиции) спротивни на иделошките определби на партијата. Неможеме и не смееме да дозволиме и понатаму членството да биде третирано како гласачка машина и во функција на личните интереси на раководната гарнитура, а најмалку истото да биде манипулирано и користено како живо топовско месо за спас на сопствената кожа. Нема да дозволиме спротивното мислење и став или евентуално несогласување по однос на одредени прашања да се етикетираат како предавнички, петтоколонашки или непријателски“, велат фракционерите.

Тие велат дека визијата на Демократската фракција на ВМРО ДПМНЕ е исклучиво посветена во насока на зајакување на внатрепартиската демократија преку збогатување и динамизирање на внатрепартискиот живот, кој треба да придонесе за демократизација и релаксација на внатрепартиските односи и корелации и во создавање на услови за демократски процедури и постапки при донесување на партиски одлуки и ставови. Внатрепартиска фракција треба да овозможи да се создадат услови за активна улога на членството, каде членството ќе биде во позиција да биде креатор на партиската политика преку автономното и мериторното одлучување и на тој начин сериозно да влијае на одредување на содржината и насоката на водењето на партиската политика.

„Дејствувањето на партијата да се заснова на темелни демократски принципи и вредности: партиска слобода, меѓусебна солидарност и обезбедување на еднакви услови и еднаквов пристап на секој член до секоја партиска и државна позиција и функција. ВМРО ДПМНЕ мора да го оправда својот префикс (додавка) и да стане обединувачка партија на сите прогресивни сили, наместо досегашната политика ,, раздели па владеј”. Да изградиме систем на имунитет, но и да ги победиме на секое поле ретроградните и мрачни партиско – политички сили, за да се спасиме од неизбежната катастрофа што ни се заканува. Да ставиме крај на манипулативното партиско владеење и управување. Наместо лагата, на пиедестал да ја ставиме вистината и вербата во поубава иднина, а манипулативното да го замениме со чесно владеење и управување. Стимулација и развивање на демократска свест и партиципатива политичка култура – ВМРО ДПМНЕ да стане партија каде секој политички конфликт или било какво друго недоразбирање ќе се модерира според начелата на демократијата, дијалогот, толеранцијата и постигнување консензус помеѓу клучните партиски фактори за најзначајните прашања. Фракцијата да стане доверлив и вистински „коректив“ на сите недемократски, незаконски, нестатутарни и неетички партиски и политичко-општествени случувања и дејствувања. Донесените партиски одлуки да добијат и на ,,тежина” односно на квалитет и да бидат широко прифатени и практикувани од членството. Да се детектираат сите сериозни критички точки во функционирањето на партијата и државата, и притоа да се понудат конкретни решенија за актуелните проблеми и состојби“, наведуваат фракционерите во своите цели.

Од Демократската фракција наведуваат дека принципите за кои се залагаат се широк и демократски избор на носители на партиски функции на сите нивоа, практикување реална кадровска политика, интегритет на партиските органи и тела, максимална партиска демократија, морал во политиката, легалитет и легитимитет на партиските одлуки и ставови, како и транспратентност при креирање на клучни ставови за водењето на надворешна и внатрешна политика.

Поврзани новости