Фотографиите на номинираниот државен секретар со кукаст крст на ракавот, предизвикаа остри реакции во Италија

by Fokus

Предлогот на премиерката на Италија, Џорџа Мелони, да го назначи Галеацо Бигнами за државен секретар наиде на остри реакции кај италијанската јавност, откако во медиумите беа објавени постари фотографии на десничарскиот политичар како носи лента со кукаст крст на раката.

Бигнами, инаку сопартиец на Мелони од популистичката партија „Браќата на Италија“, е фотографиран облечен во црна кошула, со црвена лента на левата рака на која е исцртан нацистичкиот симбол.

Според денеска објавените написи во италијанските медиуми, фотографијата е снимена на ергенска забава во 2005 година.

Мелони вчера го номинираше 47-годишниот Бигнами за државен секретар и заменик-министер во Министерството за инфраструктура предводено од Матео Салвини. Церемонијата на положување свечена заклетва е предвидена за утре.

Според извештаите на медиумите, компромитирачката фотографија на Бигнами за прв пат била објавена во јавноста во 2016 година.

Бигнами вчера изјави дека се срами од фотографиите, но истовремено оцени дека е апсурдно повторно да се објавуваат негови лични фотографии од пред две децении, за кои веќе се извинувал во неколку наврати.

Поранешниот градоначалник на Неапол, Луиџи де Магистрис, фотографијата ја нарече „одвратна“. Бројни критики беа објавени преку твитер против назначувањето на Бигнами на функцијата државен секретар.

Поврзани новости