(Фото) Заев и Шилегов ги прошетаа Вучиќ и Рама – за гостите печена пченка и подароци

by fokus

Премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов попладнево ги прошетаа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и на премиерот на Албанија, Еди Рама во центарот на Скопје.

Домаќините ги почестија двајцата претседатели печена пченка од уличните продавачи, а Шилегов им даде подарок на сите, а за Рама препознатлив беше дресот на фудбалскиот клуб Јувентус.

-Како градоначалник на Скопје, бев домаќин на премиерите на Република Северна Македонија, Зоран Заев и Албанија, Еди Рама, како и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со кои заедно прошетавме низ новиот Кеј 13 Ноември којшто пред два дена го пуштивме во употреба за граѓаните. Чекор по чекор низ новото слободно шеталиште, во разговор им ја раскажав нашата скопска поинаква приказна. Она што на граѓаните им го овозможивме во последните три години, а ги запознав и со дел од визијата и идеите што планираме да ги остваривме во следниот мандат. Скопје денес е град со кој сите ние се гордееме и со задоволство можеме да збориме пред другите за нашата заедничка поинаква градска приказна, напиша Шилегов.

-Попладнево им посакав добредојде на претседателот на Србија, Вучиќ и на премиерот на Албанија, Рама после што имавме заедничка прошетка по новиот скопски кеј, каде домаќин ни беше градоначалникот Шилегов. Разговаравме и со граѓаните во центарот на Скопје, како најава на Економскиот форум за регионална соработка кој првпат се одржува во Северна Македонија, како и за отворањето на нови перспективи за нашето поврзување, напиша премиерот Заев на својот фејсбук профил.

Вучиќ претходно за српските медиуми изјави дека посетата на Скопје е многу важна, посочувајќи ги притоа договорите што ќе бидат потпишани утре меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија.

-Едниот се однесува на побрз проток на стоки и услуги меѓу трите земји, другиот за заедничко дејствување по прашањето на природните катастрофи, а третиот за создавање единствен пазар на труд, што подразбира укинување на работните дозволи, изјави Вучиќ, додавајќи дека тоа значи дека кој работи во Белград, може да работи и во Скопје и Тирана и обратно.

Тоа, потенцираше, е ужасно важно. Сакам да верувам дека потоа ќе продолжиме со сите придобивки, за што подетално ќе разговараме утре, кажа Вучиќ. Тој најави дека утре ќе биде објавено новото име на регионалната иницијатива, која досега беше позната како „Мини-Шенген“.

На средбата присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој му подари дрес од фудбалскиот клуб Јувентус на Рама.

 

Поврзани новости