ФОТО СЈО: Јанкулоска викала сведок во седиштето на ДПМНЕ и му кажувала како да сведочи

by Fokus

Гордана Јанкулоска, поранешната министерка за внатрешни работи денеска, како осомничена во случајот Титаник, се појави во Апелациониот суд каде се разгледува нејзината жалба со која бара да и се врати пасошот, но и онаа на СЈО со која се бара да и се одреди мерка притвор.

Специјалното јавно обвинителство стравува дека Јанкулоска може да избега, поарди како што велат конекциите и врските што ги направила во странство, извршувајќи ја функцијата на министер, а посочуваат и дека веќе влијаела врз сведоци, односно на еден од нив му посочила да се воздржи од изјава против неа.

– Цениме дека во овој случај се исполнети сите околности за исрекување на мерка притвор. Обвинетата се гони за три кривични дела, од кои едното е создавање на група за злосторничко здружување. Исто така, обвинетата само еднаш се појави во СЈО и направи увид во доказите, но повеќе не се врати да даде исказ, односно не одговори на нашите покани. Обвинетата на овој начин покажа целосно непочитување на СЈО како институција -рече обвинителот Гаврило Бубевски.

Тој додаде дека имаат изјава од сведок, кој кажува за влијанието на Јанкулоска врз неговото сведочење.

– Во случајот имало конкретна активност, односно имаме изјава од сведок кој кажува дека бил повикан во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и таму Јанкулоска му кажувала како да сведочи – истакна Бубевски.

Адвокатите на Јанкулоска пак посочија дека Јанкулоска секој пат на обвинителите им појаснувала зошто не може да се појави во СЈО и да даде исказ. Истакнаа дека доказниот материјал бил многу обемен и не и било овозможено на соодветен начин да изврши увид.

Тие го отфрлија  обвинувањето дека Јанкулоска влијаела врз сведок, односно како што рекоа, дека наводно замолила некоја жена да не сведочи против  неа.

На јавната расправа се слушна дека сведокот на кој наводно влијаела Јанкулоска, најпрвин била осомничена во истиот случај Титаник, но потоа изразила волја да соработува со СЈО и затоа станала сведок. Обвинителот Бубевски појаснид дека сведокот изјават за влијанието го дал откако станал нивен соработник, а не во фазата додека бил осомничен, со што ги отфрли тврдењата на одбраната дека неговата изјава е незаконска.

В.В.

Поврзани новости