Фото: Министерот Тевдовски истрча 30 километри за лицата со ретки болести: Прегратките на ќерките, највреден медал!

by Fokus

Министерот за финансии Драган Тевдовски го трчаше Охридскиот атлетски меѓународен маратон, за лицата со ретки болести.

Тој им ја даде својата поддршка на лицата со ретки болести, и маратонската патека долга 30 километри ја истрча за два часа и 44 минути и пристигна на целта педесет и седми. Таму, во прегратка му се фрлија двете ќерки, а го чекаше и сопругата со која што наскоро го очекуваат раѓањето на нивното трето дете.

,,Горд сум што сум дел од оваа трка и што можам да придонесам за подигање на јавната свест за лицата со ретки болести. Ги повикувам јавните личности, од сите сфери, да се приклучат секој на свој начин, и да помогнат да се сврти вниманието не само кон овие лица, туку и кон многу други актуелни ситуации и проблеми со ко секојдневно се соочуваат групи на граѓани’’ – изјави министерот за ,,Фокус’’.

Тој и минатата година бил дел од учесниците на Охридскиот маратон, и патеката од Свети Наум до центарот на градот ја истрчал за дваипол часа. Гордана Лолеска, волонтер во здружението ,,Живот со предизвици’’ вели дека кога слушнала дека министерот Тевдовски во минатото трчал на маратонот, бев двоумење го побарала, и му предложила да ја посвети својата трка на лицата со ретки болести.

,,Тевдовски веднаш го прифати нашиот предлог. Ни ја даде својата поддршка од се срце. Јасно ни е дека кај нас за многу теми јавната свест се менува и се придонесува во позитивна смисла, кога јавни личности ќе се вклучат во кампањите и јавно ќе прозборат за проблемите и предизивиците на одредени групи на луѓе’’ – раскажа таа.

Од здружението ,,Живот со предизвици’’ очекуваат политичарите, посебно министерот за здравство да има слух за потребите на лицата со ретки болести, тие да можат да добиваат квалитетна терапија на време, и да се подобри квалитетот на нивните животи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости