Фото: Иво Котевски стигна во СЈО

by fokus

Иво Котевски, директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ предмалку стигна во Специјалното јавно обвинителство каде треба да даде исказ како осомничен во случајот „Талир“, за обвинувањата за незаконско финансирање на партијата.

Во СЈО денеска требаше да се појави и лидерот на партијата, Никола Груевски но според неофицијални информации тој повторно не ја примил поканата од СЈО и во моментот се наоѓа во странство.

Утринава во СЈО дојде и поранешниот директор на Петтата управа, Горан Грујевски кој исто така е на распит меѓутоа не е јасно дали за случајот „Тврдина“ или „Таргет“. И двата случаи се однесуваат на незаконското прислушување.

Функционерите на партијата ВМРО-ДПМНЕ пак се повикани во СЈО да дадат искази како осомничени во случајот „Талир“, каде за финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ се осомничени 14 лица за перење пари од кои 9 лица како директни извршители и 2 како помагачи.

Во овој случај е осомничен лидерот на партијата Никола Груевски и сите генерални секретари во партијата од 2009 до 2015 година, меѓу кои и Димитриев, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски. Осомничени се и директорите на центарот за комуникации, а оваа функција долги години ја имаше Илија Димовски, додека во 2015 година на ова место дојде Иво Котевски.

Поврзани новости