(ФОТО) Галичник и врв Меденица – таму каде што вечно сонцето сјае

by Fokus

Откако поради пандемијата со Ковид 19 лани по вторпат беше одложена, годинава од 16-ти до 18-ти јули, ќе се одржи 47-мото издание на културната манифестација Галичка свадба 2021.

Оваа година љубовта во Галичник ќе ја крунисаат Филип Бундовски и Катерина Илиевска кои лани беа избрани за зет и невеста. По тој повод, „Фокус“ направи и една кратка репортажа од селото Галичник и неговиот преубав врв Меденица (2163 м).

Галичник е едно од најживописните села во областа Мала Река во Општина Маврово и Ростуше. Тоа се наоѓа на 1300 метри надморска височина и е село кое е познато по својата автентична архитектура, место полно со културно наследство и погледи кои остануваат во меморијата на едно човечко битие.

До Галичник се стигнува од две места – или преку Маврово со автомобил или преку Јанче, пеш. Двете варијанти гарантираат неверојатно доживување и полнење на очите со глетките кои ги има само на планината Бистра. Доколку сте љубител на планинарењето, тогаш најубава опција е пешачење од селото Јанче, кое се наоѓа неколку километри под Галичник.

Низ планинарски обележана патека, постојано се движите низ шума, која ве штити од летното сонце, кое сјае на посебен начин во ова место.

Традиционалните јадења во Галичник ќе ве пречекаат со раширени раце после двочасовното пешачење од Јанче, а питата, киселото млеко качамакот и познатото галичко сирење ќе ви дадат до знаење дека тие се најголемото „оружје“ на ова место.

А над Галичник – моќно стои молчаливата Меденица, која со својот спокој ве мами за уште два часа, да стигнете до нејзината највисока точка.

Точно од врвот Меденица, погледот ве носи кон Мавровското езеро, а од другата страна во далечината се гледа затскриено Дебарското езеро.

Иако во Галичник речиси и да нема постојани жители, ова село е атрактивно за туристите, но и за луѓето кои имаат свои викенд-куќи и доаѓаат на разладување на мислите, бегајќи од градскиот метеж во летните месеци.

Текст и фото: Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости