При недостаток на медицинска опрема, екс директорката на Гинекологија трошела пари за таблети

by Fokus

Екс директорката на скопската Клиника за Гинекологија, Марија Хаџи-Лега набавила компјутерска опрема за нејзиниот кабинет во вредност од 3.200 евра.

„Фокус“ располага и со документите за тоа колку пари потрошила екс директорката за набавка на компјутерска опрема. Во документите е наведено дека биле набавени три лаптопи за кои се потрошени 1.800 евра и два таблети за кои се потрошени речиси 1.400 евра. Во моментов ниту лаптопите, ниту таблетите воопшто не се користат, а никој во клиниката нема информации за какви потреби биле набавени.

Од друга страна, Одделот за интензивна нега на Клиниката за гинекологија, каде што се сместени предвреме родените бебиња, во моментов располага со 22 инкубатори, што според досегашната пракса не е доволно за во нив да бидат сместени сите предвремено родени бебиња, бидејќи бројот на недоносени е речиси 55 новороденчиња месечно, кои на клиниките најчесто поминуваат од два до три месеци. Тоа го загрозува животот на предвремено родените бебиња, чија смртност изминатите години вртоглаво расте.

Како што веќе објавивме, предвремено родените бебиња на клиниките најчесто поминуваат од два до три месеци, голем дел од тоа време во инкубатор, а само за нивна нега се трошат 35.000 денари, додека, пак, ако за време на целиот третман тие бидат приклучени и на машини за дишење заедно со терапија, тогаш сумата достигнува и до 2.500 евра, пари кои се трошат од буџетот на клиниката, кој изнесува околу 7 милиони евра.

„Фокус“ разговараше со повеќето вработени во болницата, од кои дел претходно се плашеа да споделат што се случува таму и со какви се проблеми се соочуваат. Тие ни раскажаа како од претходната влада доаѓале на клиниката со цел да се сликаат и да промовираат нови апарати, иако еден ист апарат го пуштале во употреба и по неколку пати. Сите тие апарати, кои екс премиерот Груевски ги промовираше на клиниката како нови методи, се користеле години наназад.

Не знаете како ни беше во тој период кога Груевски и Тодоров доаѓаа да се сликаат за да промовираат некој нов апарат. Значи, само апаратот за ХПВ во употреба е пуштен четирипати и се промовира како некоја нова метода, а ние тој апарат го користиме десет години веќе. Тоа е страшно што се случуваше. На нив не им беше важно што умираат деца, туку само да се сликаат – раскажуваат лекари од клиниката, кои сакаа да останат анонимни.

Ирена Мулачка

Поврзани новости