(ФОТО) Еко-катастрофа на Скопска Црна Гора, планинарите гневни: Ми се слоши кога видов!

by Fokus

Планинарите од Скопје пред извесно време затекнале непријатна глетка на падините на Скопска Црна Гора, која и тоа како може да биде катастрофална за животната средина.

Низ шумата биле оставени пластични контејнери во кои се чувало катран/мазут и откако ги испразниле ги оставиле во планината, а талог од катран навлегол длабоко во почвата.

Зоран Тодоровски е еден од планинарите кој бил сведок на оваа глетка, а за „Фокус“ појасни и каде точно се наоѓаат овие контејнери, изразувајќи надеж дека надлежните ќе ги исчистат.

„Местото е на стотина метри подолу од Спирова колиба, на самата патека која води до колибата. За ова дознав од социјалните мрежи, а пред некој ден се уверив и со свои очи. Се потресов, дури и ми се слоши. Патеката е од село Бродец до колибата и уредно е маркирана и најкористена од граѓаните. До местото може да се стигне со трактор многу лесно. Ако се спроведе истрага, мислам дека многу лесно може да се најде сторителот“, изјави Тодоровски.

Во тој контекст, треба да се посочи кон член 21 од Кривичниот законик, кој пропишува:

Тој што со испуштање на отровни или издувни гасови, на поголемо количество од максимално дозволеното со закон на материјали или јонизирачко зрачење во воздухот, водата или почва или на друг начин може да предизвика или ќе предизвика значително оштетување на квалитетот на воздухот, водата или почвата или опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, ќе се казни со затвор од четири до десет години.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости