(ФОТО) Дивна Пешиќ отвори раскошна галерија во Америка: Во секое дело насликав јасна порака

by Fokus

Ликовниот уметник и поранешен шампион во стрелање, Дивна Пешиќ, отвори сопствена галерија во Денвил, Америка. Свечениот настан се случи вчера, во присуство на многу гости и почитувачи на делото на младата кавадарчанка, која веќе неколку години наназад живее и твори во САД. Во галеријата која го носи името Дивна Пешиќ Арт Галери, изложени се 120 дела од уметницата, техника масло на платно.

За „Фокус” таа појаснува дека е горда на себе и на своето семејство кое и ја дало безрезервната поддршка за да си го оствари сонот. Вели дека да се твори сопствена галерија е сон и престиж за секој уметник, посебно во овој период на светска криза поради пандемијата.

-Пресреќна сум, возбудена… Навистина сум горда на реакциите на американската публика кон мојата уметност, затоа што знаат да ја почувствуваат енергијата и магијата на моите дела и да и дадат вредност која ја заслужува. А, моите дела секогаш се инспирирани од смисолот на животот, љубовта, моралните вредности, трагање по доброто во секој човек, борбата помеѓу доброто и злото, реалноста и предизвикот на нереалноста. Секое дело носи порака, симбол кој би сакала да го инспирира човекот да биде подобар и да се брои на добрата страна на светот – вели Пешиќ.

Појаснува дека во ова време – невреме, потегот да отвори своја галерија во Америка бил навистина предизвикувачки, но се надевала и верувала во подобри времиња за целиот свет. И актуелната состојба со вирусот се нашла на нејзино дело, кое освоило трето место во светот на натпреварот Американ Арт Авардс.

-,,WHO make the Bat Bad?” е моето дело со кое помеѓу учесници од 65 земји, освоив трето место во категоријата апстрактен експресионизам на Американ Арт Авардс, што ми дава потврда за мојот успех, мотивација за уште поголеми достигнувања и ми е голема чест што сум помеѓу наградените. Изложбата свечено ја отвори градоначалникот на Денвил, Томас В. Андес, а присуствуваше и конзулот на Македонија, Јордан Панев. Ова за мене е значаен чекор, благодарна сум на семејството за поддршката, како и на сите блиски пријатели кои веруваат во мене- ни изјави уметницата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости