Фон дер Лајен рече дека загинале 100.000 украински војници, па ЕК ја повлече нејзината изјава

by Fokus

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, во денешниот говор рече дека се проценува дека загинале околу 100.000 припадници на украинската армија и 20.000 цивили. Украинците досега избегнуваа да даваат прецизни бројки за сопствените загуби, тврдејќи дека тие бројки ќе и дадат предност на Русија.

Европската Комисија подоцна се извини и додаде дека презентираните податоци се неточни бидејќи проценката вклучувала и повредени и загинати. Реченицата потоа беше отстранета од транскриптот на страницата и од снимката на нејзиниот говор. Портпаролот на украинскиот Генералштаб одби да ги коментира објавените бројки, но повтори дека Русија ќе биде казнета за нејзините постапки во Украина.

Фон дер Лајен рече и дека Европската Унија ќе формира специјален суд за „злосторството агресија против Украина”, односно за тоа што руската армија ја преминала украинската граница и ја започнала инвазијата. Во последниве месеци, Киев активно води кампања за формирање на специјален суд за судење на Русија за инвазијата.

Тој суд треба да овозможи кривични судски процеси против највисоките руски функционери, вклучувајќи ги Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Судот не би требало да спроведува сеопфатни истраги, имајќи предвид дека огромното мнозинство претставници во Генералното собрание на ОН се согласија дека Русија извршила кривично дело агресија.

Поврзани новости