Фолкерите почнаа со договори за новогодишни тезги

by fokus

И покрај тоа што остануваат повеќе од два месеци до Новогодишните празници, поголемиот дел од нашите фолк пејачи веќе ги договорија своите празнични настапи во дијаспората. Нашинците во Канада дочекот на 2017 година и божиќните празници ќе можат да ги поминат во дружба со фолк пејачките Татијана Стефановска, Џесика Палашоска и групата ,,Маестрал“, од Битола, а потоа, во фебруари и март, двете фолкерки и нивниот колега Спасен Силјановски заминуваат на турнеја низ Австралија.

Гласините дека ако не се настапите во странство, фолкерите не ќе можат ниту да си ги платат сметките, ги демантираат и двете пејачки и велат дека секое гостување кај дијаспората им доаѓа како ,,освежување“ на буџетот, но и дека убаво живеат и од гостувањата низ Македонија.

thumbnail_tatijana-s111 ,,Повеќе од една деценија вложувам во мојата кариера, и можам без скромност да кажам дека солидно заработувам и од настапите кај нас. Секој викенд имам гостувања во разни локали, ресторани, на приватни забави, манифестации. Турнејите надвор од државата ми доаѓаат добро, се заработува поголема сума на пари наеднаш, но пејачите кои што се квалитетни убаво живеат и без нив. Сите тие приказни дека фолкерите ќе ,,пропаднат“, ако не пејат за дијаспората паѓаат во вода, оти ако си добар и докажан изведувач, ќе те бараат и кај нас на настапи. Еднаш еден мој колега кој што е чест гостин во Австралија рече дека секој петел не може да пее во странство. Јас би додала дека и кај нас народот препознава добра музика и харизма, па затоа и кај нас не може да пее секој петел! Луѓето умеат да препознаат добри пејачи, и за нив нема зима, постојано добиваат покани за гостување. Тие кои што не ги бива, не ги бива ни дома, ни во Австралија и Канада“, – вели Стефановска.

Таа е позната како една од пејачките кои што секоја година има по неколку турнеји во странство. Покрај неа, дијаспората често ги кани и групата ,,Молика“, и Анета Мицевска, Елена Велевска, Џесика Палашоска, Елена Јовческа, Сања Барби, Адријана Кеш, Благоја Грујовски, Јордан Митев, Марјан Коцев… За разлика од фолкерите, поп пејачите ретко, а некои пак ниту еднаш во својата кариера немале турнеја кај дијаспората. Пред шест години, поп ѕвездата Каролина Гочева имаше турнеја во Австралија, за која што тамошните македонски портали известија дека не поминала добро, со оглед на тоа што на еден од концертите имало едвај 200 гости, а влезниците се продавале по цена од 45 долари.Тогаш, пејачката и нејзиниот менаџерски тим ја демантираа веста и изјавуваа дека поминале одлично. Нашите иселеници велат дека повеќе ги сакаат фолкерите бидејќи на нивните песни можат да ,,свртат“, и по некое оро, а патриотските нумери им буделе носталгија, па не го штеделе бакшишот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости