Фолк ѕвездата доаѓа во Куманово: ВИП си ако фатиш коњопој на Цеца!

by Fokus 10:35
10:35
Балканската фолк ѕвезда, Цеца Ражнатовиќ доаѓа во Куманово. Таа ќе одржи концерт на шести октомври во Спортска сала Куманово, а билетите се веќе во продажба. Нивната цена на трибините изнесува 650 денари, партер 750, и ВИП 1.000 денари, додека се во претпродажба, а пак на влезот во салата ќе се продаваат по цена од 1.000 денари.

Сепак, доколку сакате да се чувствувате ,,посебно’’ ВИП за време на концертот, организаторот на настанот, Балкан Медиа, нуди специјални понуди со коњопој. И ако во минатотото коњопој значеше место каде коњите пијат вода, денес тоа е најелитната локација за време на концерти, односно висока барска масичка со барски столици пред самата бина. Не е познато од каде и како во изминативе години се наметна името коњопој, но факт е дека само оние со подлабок џеб за време на концерти можат да си го дозволат.

- Advertising -

Понудите за коњопој за Цеца ги има во четири варијанти. Првата е четири влезници со коњопој, вотка и литар сок од портокал за 7.000 денари, четири влезници со литар Џејмсон виски, четири лименки Ред Бул и четири води се нудат по цена од 7.500 денари во вториот пакет, четири влезници со Чивас виски, Ред Бул и вода по цена од 9.000 денари, за третиот пакет, и најлуксузната понуда, четири карти со шампањ Моет на коњопој за 10.000 денари.

Од организацијата потенцираат дека влезниците со коњопој во ВИП делот се во ограничен број. Цеца е се почеста гостинка во Македонија во изминатиов период. Во месец март имаше концерт во Скопје, во спортскиот центар ,,ВИП Борис Трајковски’’. Лани пееше на стадионот во село Турново, Струмица, но и на градскиот плоштад во Македонска Каменица. Има одржано концерти и во Струмица, Прилеп, и Охрид во изминатите години за време на општински манифестации и секогаш успева да привлече десетици илјади публика.

 

Поврзани новости