Фолк пејачката Силвана Крстовска напиша книга за деца, Министерството за култура ја поддржа!

by fokus

Силвана Крстовска, фолк пејачката од Тетово која е присутна на естрадата околу 15 години, ја издаде својата прва книга „Кој тоа живее во нашите шуми, ти детенце сега думи”.

Станува збор за детска стихозбирка со 30 песни за животинскиот свет кој живее во нашите шуми, а за секоја песна има илустрација во боја.

Како што информира Крстовска, книгата е наменета за деца од претшколска возраст, се до десетгодишна возраст.

Таа се заблагодари на сите соработници кои учествувале во создавањето на нејзиното првенче, кое има тираж од 500 примероци, а печатењето на книгата било поддржано од Министерството за култура.

Инаку, Крстовска пред околу десет години, во време кога беше доста актуелна на сцената и имаше чести настапи и гостувања надвор од земјава, реши да се запише на факултет.

Тогаш раскажа дека и покрај тоа што е сопруга и мајка, но и посветена на кариерата, секогаш ја привлекувал пишаниот збор, па решила да се запише на Филолошкиот факултет во склоп на Тетовскиот универзитет. Појаснуваше дека покрај сите обврски, сепак успевала добро да балансира и да носи десетки.

Често објавува свои поетски творби, а неодамна доби награда за посебен придонес во областа на културата на поетската манифестација „Ако одам во Битола”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости