Фолк пејачката Силвана Крстовска ќе промовира три книги: Со почетокот на пандемијата започнав да пишувам интензивно!

by fokus

Фолк пејачката Силвана Крстовска ќе промовира три книги, и тоа две со поезија и една со проза. Промоцијата ќе се одржи на 16-ти октомври во салата на Музејот (стар Дом на АРМ) во Тетово.

Крстовска и стана позната на пошироката јавност пред околу 15 години, кога се појави а фолк сцената и имаше учества на повеќе фолк фестивали. Пред десеттина години се запиша на Филолошкиот факултет во склоп на Тетовскиот универзитет, и уште тогаш појасни дека покрај музиката, пишаниот збор отсекогаш бил нејзина голема љубов.

За ,,Фокус” раскажува дека на промоцијата се поканети голем број на книжевници, но и колеги од естрадата.

-Првата книга е детска илустрирана стихозбирка која излезе во печат двојазично и на македонски јазик и со превод на албански јазик со наслов ,,Кој тоа живее во нашите шуми, ти детенце сега думи” со поддршка на Министерството за култура.

Втората е збирка раскази и таа е исто така детска книга, но така е пишувана за да привлече читатели и од возрасната публика. Во неа се испреплетени сегашноста со минатото и носи наслов ,,Мириса на детство” и е првонаградена од Фондација ,,Такец” од Битола.

Додека третата книга всушност е најсложената композиција во поезијата- Сонетен венец во кој се опева вистинската љубов кон саканиот која трае цел живот. Венецот е автобиографски и носи наслов ,,Љубов, надеж, вера” и истиот е награден со Златна плакета на ,,Планетопија-Милица Паулус”-раскажува Крстовска.

Додава дека промотори на промоцијата ќе бидат нејзините колешки по перо, м-р Десанка Николова и м-р Елеонора Николовска. За музичките точки ќе бил задолжен младиот гитарист Филип Потконјак од Тетово.

-Ќе има и музичка изведба на дечиња од градинката ,,Јаболчиња”, Јегуновце. Поканети се сите медиуми и љубители на пишаниот збор, вели таа.

За пишувањето појаснува дека уште чува тетратки од деството, во кои напишала многу песни. Своевремено, нејзини песни биле објавени во детските списанија ,,Наш свет” и ,,Развигор”, а потоа пишувала само за себе, без да ги објавува своите дела.

-Пресуден беше моментот кога фати ковид пандемијата со и од 2020 година пишувам интензивно и имам добиено многу награди на разни поетски манифестации.

Ете, така се родија овие мои три книги, три првенчиња. Имам ракопис за уште три други меѓу кои и мојот прв роман на кој му посветувам особено внимание, но за почеток доволно се три книги. Набрзо и другите ќе излезат во печат, но за тоа -после.

Мотивот го наоѓам во се што ме опкружува. Доволно е да фрлам поглед на нешто и веднаш од мене се слеваат стиховите. Моите песни се претежно психолошки и длабински, и во нив провејува филозофска нишка.

За да ви доловам за што станува збор ќе набројам неколку наслови од истите: ,,Ако сум овчар не сум просјак”; ,,Свилена кожурка од челични нишки”; ,,Јас сум само втор Диоген”; ,,Не давај ме на сенките”; ,, Парфеми, ланци и скапи тракатанци” и многу други. Секако не ја исклучувам тука и љубовната, родољубивата и патриотска поезија- раскажува Крстовска.

Околу музиката, вели дека се повлекла на подолг период, бидејќи самата така одлучила, но пред Новата година планирала повторно да се врати на сцената со нова, кантавторска песна.

Вики Клинчарова

Поврзани новости