Фолк пејачи обвинуваат: Субвенции за музика добивме, скршен денар не видовме!

by Fokus

Актерот, композитор и изведувач на влашки песни, Перо Цаца реагира дека и покрај тоа што му биле одобрени субвенции за поддршка на домашната музика, сепак од 2016 година, кога била избрана неговата песна на конкурсот, до ден денешен, не добил ниту денар на сметката.

Станувало збор за сума од 3.000 евра, за неговата песна ,,За една љубов незаборавна” која била избрана од Комисијата која одлучувала по конкурс за поддршка на домашната музичка продукција во првиот квартал од 2016 година, во состав: Благоја Здравковски-претседател, Методија Автовски, Никола Фириев, Весна Малјановска, Цане Петров, Лилјана Автовска и Панче Илиев-членови. Тој бил избран во категоријата Афирмирани изведувачи – народна музика.

Како што појаснува за ,,Фокус”, со добиените средства било предвидено тој да направи аудио и видео запис, но парите не ,,легнале” на неговата сметка.

-Прв пат конкурирав и добив субвенции, што доста ме изненади, бидејќи и во минатото сум барал владина поддршка за разни проекти, но никогаш не ми биле одобрени средства. Моето образложение е тоа, дека јас сум изведувач на влашки песни, кои за жал, кај нас се запоставени, како да не постојат. Никогаш не сум бил поканет на некоја општинска манифестација, на плоштад, како што тоа е практика со изведувачите на македонски и албански песни, па затоа, искрено, не ни очекував да ги видам овие пари кои ги добив како владина поддршка во 2016 година. Но, она кое ми смета е што моето име како добитник на субвенции фигурира во списоците со имињата на останатите добитници, кои неодамна во јавност ги објави Коста Карев, претседател на Комисијата која одлучуваше по конкурсите за доделување на субвенции за поддршка на домашната музичка индустрија – појаснува Цаца.

Тој додава дека кога по одреден период од објавата на резултатите од Конкурсот се уште не му биле исплатени парите, реагирал кај повеќе надлежни лица. Одговорот кој го добивал бил – „Стрпи се, ќе се пуштат парите на сметка“. -Не сум човек кој што сака кавги и конфликти, затоа и си молчев и чекав. Но, кога трпението ми дојде при крај, отидов кај генералниот директор на МРТ да му кажам за проблемот. Неговата секретарка ме сослуша и културно ми рече дека се ќе биде проверено, како ќе ме информираат, и тука заврши приказната. Веќе не ги ни чекам средствата. Со години наназад се чувствувам дискриминирано во врска со мојата музика, и реагирам сега, бидејќи не сакам јавноста да верува дека сум добил државни пари, кои всушност никогаш и не завршиле на мојата сметка. Каде се парите, дали завршиле кај некој друг, тоа нека си истражат надлежните органи, им стојам на располагање – тврди музичарот.

Вели дека не е единствениот кој не ги добил одобрените средства на конкурсот за поддршка на домашната музичка продукција во првиот квартал од 2016 година, и неговата колешка Јулијана Николовска, која била избрана во истата категорија, исто така не добила ниту денар. Сепак, таа по повеќето реакции, се решила да тужи.

За ,,Фокус” Николовска вели дека процедурата е во тек, и како таа по судски пат си ги бара одобрените средства во висина од 3.000 евра.

-Чекав подолг период и пред една година ангажирав адвокат. Во повеќе наврати се обратив до Министерството за култура и до МРТ, од каде барав одговор каде се моите пари. Веќе требаше да снимам песна и спот со добиените субвенции, но и едните и другите си ја префрлаа топката, од Министерството за култура ми кажуваа дека кочницата е во МРТ, од таму ми велеа да се стрпам и дека се зависи од министерството, и така во повеќе наврати. Имам информација дека има и други пејачи кои не ги добиле одобрените средства, не знам дали и што превземаат тие по повод ова прашање, но кај мене во процес е тужбата – вели Николовска, која во прилог ни го достави и договорот склучен помеѓу неа и Јавно радиодифузно претпријатие МРТ.

Законот за субвенционирање на домашната музичка индустрија беше донесен во времето кога министерка за култура беше Елизабета Канческа – Милевска. Идејата беше секоја година да се одвојуваат 512 илјади евра државни пари, со цел да се стимулира продуцирањето на популарна македонска музика, забавна, народна, музика за деца, композиции за афирмирање на историјата на Македонија, како и песни за афирмирање на семејните вредности и многудетните семејства.

Лани, во времето кога министер за култура беше Роберт Алаѓозовски, Владата донесе одлука да го укине Законот за поддршка на домашна музичка продукција, како не би се одлевале повеќе пари од буџетот за оваа намена.

Минатата недела музичарот Коста Карев, кој што беше неколкукратен член и претседател на Комисијата која одлучуваше по конкурсите за доделување на субвенции за поддршка на домашната музичка индустрија, откри дека 370 песни биле наградени со дури 972.100 евра. Тој направил статистички пресметки, и ни изјави дека резултатите до кои дошол треба да допрат до јавноста.

– Досега, за 4 години завршени 15 конкурси, од нив по 3 конкурса МРТВ прекина да постапува, а два конкурса ги поништи Министерството за Култура. Затоа пресметките што ги правам се за 10 спроведени конкурси, 4 во 2014, 4 во 2015, 1 во 2016 и 1 во 2017. Поентата е да се откријат сите незаконски и непрофесионални дејанија на МРТВ, на министерството, на комисиите, на апликантите. Во спротивен случај и оваа работа ќе остане матна и неразјаснета, како и се во државава. Вниманието на медиумите и на јавноста се префрла од тема на тема, без да се истражи, без да се најде генезата, без да се евидентираат грешките, за да не ни се повторуваат истите пак и пак. Живееме во општество кое не учи од своите грешки – ни изјави Карев.

Вики Клинчарова

Поврзани новости