„ФОКУС’’ за Марко Чаласан : ДА МУ ПОМОГНЕМЕ НА ДЕТЕТО ГЕНИЈ!

by fokus 17:58
17:58

На Марко Чаласан (16), малиот компјутерски Моцарт, кој пред неколку дена ја изгуби својата мајка Радица, која му беше најголема поддршка и ПР менаџер, му е потребна помош од државата.

Генијалецот по информатика, кој што стана познат уште од својата шестгодишна возраст со успесите што ги постигна во областа на компјутерите, остана сосема сам во Скопје, откако мајка му почина по долгата битка со ракот. Тој живее во изнајмен стан во населбата Аеродром, без никој близок кој што би му помогнал. Како што дознаваме од пријатели на Радица, неговиот татко живеел во Америка, и по разделбата со мајка му, не му помагал финансиски, додека пак родителите на Радица, живеат во Неготино и не се состојба да ја плаќаат неговата месечна кирија од 200 евра, но и патувањата на натпреварите кои што се неизоставен дел од неговиот живот со години наназад.
,,Фокус’’ во соработка со блиски пријатели и роднини на Радица и Марко, апелира да му се помогне на детето, кое што долги години е македонска гордост и не претставува во целиот свет.

- Advertisements -

,,Марко нема никакви примања во моментов. Живее под кирија во Аеродром, месечно го чини 200 евра. Школувањето му го плаќаат од Google, ама тоа оди директно на сметката на училиштето. Татко му живее во Америка, се разделија со Радица уште пред седум – осум години, кога таа дозна дека е болна од рак. Значи, нема никаква помош од него… Моментално, Марко е во Неготино, кај родителите на неговата мајка, но мора да се врати назад во Скопје, поради обврските во училиштето. Баба му ќе дојде со него во Скопје и ќе остане извесен период, затоа што се уште е рано да го остави сам. Разговаравме со неа, и се согласуваме дека јавноста треба да знае што се случува, дека на Марко, генијалецот со кого што Македонија се гордее, му е потребна помош од државата“, вели за ,,Фокус’’ Љупка Љубисављевиќ, долгогодишна пријателка на мајката на Марко.

Конкретно, потребно му е покривање на сметките, на киријата, но и средства за живот во наредните две години. Кога ќе го заврши школувањето, тој ќе замнине во Америка. Со Радица веќе беа таму, договорено е тој да почне да студира во Америка, но и да работи додека се школува.

„Проблемот е тоа што додека да дојде времето за факултет, тој мора од нешто да живее. Мора да се најде начин да се ситуира детето, да помегне некој од надлежните, да му се плаќаат редовно киријата и сметките, да има доволно за храна, облека, но и за патувањата и натпреварите… Марко направи многу за Македонија, а сега е време кога и Македонија треба да направи нешто за него. Се надеваме дека институциите нема да останат глуви и слепи во овој случај. Се работи за дете, тој сега е трета година, значи за период од околу две години му е итно потребна помош’’ , вели Љубисављевиќ.

Марко во телефонски разговор ни кажа дека финансиска помош му е неопходна во наредниве две години.

,,Сам сум во Скопје, се договоривме со баба ми и со дедо ми да доаѓаат често, но сепак тие не можат да бидет постојано со мене, и не се во можност финансиски да ми помогнат. Немам никаква помош ниту од мојот татко. Се надевам дека државата ќе ми излезе во пресрет. Деновиве ќе отворам сметка во банка, која што ќе биде доставена до редакцијата на ,,Фокус“ и ќе им бидам благодарен на сите кои што сакаат да ми помогнат’’ , ни изјави тој.

Со цел да дознаеме дали има начин Министерството за труд и социјална политика да помогне, телефонски се обративме до министерката Фросина Ременски, но таа денеска не беше достапна.

Апелот за помош се однесува не само до институциите, туку и до сите добри граѓани кои што се во можност да помогнат.

Наскоро во ,,Фокус“ ќе биде објавена и жиро сметката на Марко, на која што ќе може секој да донира според можностите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости