„Фокус“ хронологија: Нерасветлени ликвидации меѓу скопските банди во мафијашки стил!

Последното двојно убиство во „Шиша бар“ ја врати јавноста во скопското подземје, кое се прегрупира, но не престанува да се пресметува. „Фокус“ прави хронологија како почнале убиствата меѓу некогашните ортаци, кои преку ноќ станаа смртни непријатели. Во меѓувреме, никој не знае дали и кога ќе исчезне пизмата меѓу бандите на Скопје, мотивирани од крвна одмазда, како и за позиционирање на црниот пазар со дрога, лихварство, изнуда...

by fokus

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

ЈУЛИ, 2009 – УБИСТВО НА АГИМ ШЕРИФИ

Во јули 2009 година се случува убиство, кое се смета за вовед во дведецениската пресметка меѓу „Беланоца“ и „Дуќанџик“, здужени со останатите скопски кланови – Грчец, Кондово, Бундес…

Како „Дуќанџиќ“, „Беланоца“ и другите нарко-картели влегоа во крвава војна до истребување?!

Со куршум во главата, фрлен на депонија на патот од Арачиново кон Куманово, најден е мртов Агим Шерифи од Синѓелиќ, вујкото на Орхан Бајрами – Оки, сегашниот неформален лидер на групата „Дуќанџик“.

НОЕМВРИ, 2013 – УБИСТВО НА ЏЕЉО АЈЕТИ

Во ноември 2013 година, ликвидиран е и Џелал Ајети од Синѓелиќ, што беше вовед во целосно обезглавување на „Беланоца“.

Маскирано лице влезе во неговата чајџилница „Кај Џељо“ во Ченто и со калашников испука 30 куршуми во него, додека Ајети седел на маса со уште три лица.

СЕПТЕМВРИ, 2018 – УБИСТВО НА НАИМ АЈЕТИ

Пет години по убиството на Џелал Ајети, ликвидиран беше и неговиот брат, кој го наследи на чело на групата „Беланоца“ – Наим Ајети.

Тој беше изрешетан со калашников во центарот на Скопје, на улицата Рузвелтова по филмска бркотница со возила.

МАЈ, 2021 – УБИСТВО НА КАМЕР ИДЗИРИ

Две години по нападот во хотелот „Александар палас“, ликвидиран беше Камер Идризи од групата „Бундес“, кој заедно со членови на „Дуќанџиќ“ и „Грчец“ беше цел на напад во скопскиот хотел. Од возило во движење испукани биле повеќе рафални истрели кон „Голф“ на паркинг во Бутел.

МАРТ, 2023 – УБИСТВО НА ЈЕТОН КРИВАЊЕВА

На 6 март 2023 година, убиен еден од главните водачи на „Дуќанџиќ“ и близок соработник на Бајрами – Оки – Јетон Кривањева – Жила, заедно со Енес Ибраимов – Лаци.

Во дведецениската војна меѓу криминалните картели не е расчистено ниту едно убиство. „Фокус“ испрати прашања до Јавното обвинителство до каде се истрагите за сите овие убиства?

„Надлежните јавни обвинители ги издаваат сите потребни наредби и насоки за откривање на сторителите на кривичните дела. Утврдувањето на идентитетот на сторителите е во надлежност на Министерството за внатрешни работи како орган кој е надлежен за откривање на кривични дела и сторители. Веднаш штом ќе бидат откриени сторителите, обвинителството, согласно своите надлежности, ќе преземе кривичен прогон“, ни рекоа од ЈО.

И до МВР пративме прашање до каде е утврдувањето на идентитетот на виновниците за крвавите ликвидации меѓу скопските банди, но од таму не добивме никаков одговор.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

Поврзани новости