За 5,6 милиони евра „Гранит“ ќе ја догради Македонската филхармонија

by Фокус

За 5,6 милиони евра фирмата „Гранит“ ќе ја доврши изградбата на објектот „Македонска филхармонија“, дел од проектот „Скопје 2014“. Договорот за изведување на преостанатите градежни работи на објектот, кој беше објавен на Бирото за јавни набавки,

Министерството за култура со градежната фирма „Гранит“ го склучила во средината на февруари.

Овој објект досега го градеше австриската градежна компанија „Алпине Бау“, но по нејзиниот банкрот, министерството побара нов изведувач. Според објавените податоци од отчетот за „Скопје 2014“, досега за објектот беа потрошени 7,4 милиони евра. За оваа сума австриската фирма успеа да ја заврши карабината, без целосна реализација на кровната конструкција.

Изградбата на ова здание беше почнато во март 2009 година, а се очекува да заврши до крајот на годинава, кога ќе биде одбележан 70 годишниот јубилеј од основањето на македонската филхармонија.