Што има да каже Ване Цветанов, а јавноста не смее да слушне?

by Фокус

На Ване Цветанов, екс директор на Агенцијата за спречување на перење на пари, а сега обвинет во акцијата „Шпион“, денеска не му беше дозволено  својот исказ, во судот, да го даде пред јавноста. По одлука на судијата Ѓоко Ристов, а по барање на јавниот обвинител, на новинарите им беше забрането да стапнат во судница.

Оваа одлука беше изненадувачка, бидејќи беше најавено дека Цветанов ќе зборува јавно, бидејќи нема да споменува информации кои се државна тајна или строго доверливо. Сепак, обвинителот побарал сведочењето да се изврши зад затворени врати, бидејќи неговите прашања можеле да откријат строго доверливи информации.

Цветанов, според обвинението, се товари дека додека бил на директорската функција скенирал документи кои имале назнака строго доверливо.

Цветанов, пред две години влезе во директен конфликт со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која пак го постави на директорската фотелја. Тој во знак на револт си поднесе оставка и во јавноста излезе со тешки обвинувања дека има досие за криминални скандали, за кои обвинителството, наместо да ги процесуира, замижувало. Тогаш соопшти дека за сознанијата што ги добил како директор го известил и премиерот, но наводно и тој не бил заинтересиран.

Подоцна премина во партијата на Љубчо Георгиевски и беше еден од најгласните критичари на владеењето на премиерот Груевски.

Пред судот, во случајот „Шпион“, денеска исказ даде и Влатко Стаматовски, вработен во државниот архив, а првообвинетиот Маријан Ефремов, наместо да зборува, одлучил да се брани со молчење.

Процесот продолжува утре, со распит на останатите обвинети.