Шиповиќ: Не сум направил криминал, а скапувам во затвор!

by Фокус

– Не сум направил криминал, а скапувам во затвор. Ми се уништи здравјето, како и здравјето на мојата фамилија. Дотрчав од Америка, го напуштив мојот син иако му бев потребен, бидејќи сум невин и нема од што да бегам. До судот ги доставив записниците од судот во Австрија каде се откажав од сите права што ме следуваа, само што побрзо да дојдам тука – истакна Шиповиќ, реагирајќи на неговиот притвор.

Обвинетиот Шиповиќ во неколку наврати истакна дека обвинението е бесмислено, и дека не била направена никаква штета, ниту пак некој прибавил корист.

-Не сум направил штета од 17 милиони денари, ниту сум прибавил корист од 64 милиони денари. Обвинението против мене не држи, беспредметно е – додавајќи дека додека бил претседател на Управниот одбор на „Машинопромет“ два пати го спасил од стечај, а на државата и обезбедиле наплата од 400.000 евра, долг кој бил направен од претходното раководство.

-Тие што го направија долгот пред 2008 година не им фали влакно – заклучи Шиповиќ.

Обвинителството го товари Шиповиќ за злоупотреба на службената положба и овластување кога бил претседател на Управен одбор на „Машинопромет“ од 2008 до 2011 година. Тој и уште единаесетмина се обвинет и дека за време на претстечајна постапка на фирмата, незаконски, со намалување на цената, распродавале резервни делови.

Шиповиќ се бранеше дека одлуката за продавање на деловите била донесена пред тој да стапне во фирмата, под надзор на УЈП.

Наредната недела исказ пред судот ќе дадат и останатите обвинети, меѓу кои има вработени во УЈП и сопственици на приватни фирми.

Опозицијата обвинува дека судскиот случај е монтиран, за да го изгубат мнозинството во советот на општина Центар. Со апсењето на Шиповиќ, рацете на советот и градоначалникот Андреј Жерновски се врзани.