Шилегов треба да и плати 8.130 евра на Јанкуловска

by Фокус 12:42
12:42

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, треба да и плати 8.130 евра на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, за нарушување на нејзината чест и углед. Ова е првостепената судска  одлука, која денеска беше соопштена во Основниот суд Скопје 2.

Судијката накратко истакна дека клеветате е утврдена и дека делумно го прифаќа барањето на тужителката Јанкуловска, која бараше 16.000 евра обештетување. Исто така, додека новинарите ја напуштаа судницата, судиката, си дозволи да се оправда, истакнувајќи дека не треба да им се замерува, мислејќи на судиите, бидејќи се уште немаат доволно пракса и се учат со преметите за навреда и клевета?!

- Advertisements -

Шилегов, пак, воопшто не беше изненаден од пресудата.

-Првостепената пресуда за мене беше очекувана бидејќи кога во Македонија зборувате вистина, која се однесува на функционери на ВМРО-ДПМНЕ тоа чини пари. Самиот факт што функционерите на ВМРО-ДПМНЕ немаат храброст да се појават во судница, туку се кријат зад соопштенија, зборува за состојбата во која се наоѓа судството во Македонија – истакна Шилегов по јавното соопштување на пресудата.

Адвокатот на Јанкуловска, Димитар Дангов, рече дека правото на слобода не е бесконачно. Истакна дека пресудата треба да биде пример за сите.

Во судницата ниту денеска не се појави министерката Јанкуловска. Таа не присуствуваше ниту на едно судско рочиште, а за нејзината душевна болка сведочеше изготвеното психијатриско вештачење. Таа го тужеше Шилегов, кој на неколку прес коференции изнесе детали за нејзината имотна состојба и јавно ја праша како ги стекнала становите кои ги купила откако стапила на функцијата министер.

Сега и двете страни, имаат право на жалба до Апелациониот суд.