Македонските новинари се како измеќари

by Фокус

По падот на Македонија во извештајот на „Репортери без граници“ за слободата на медиумите, објавен е уште еден катастрофален извештај за состојбата во новинарството, овојпат од Медиумската опсерваторија на Југоисточна Европа (СЕЕМО)

Речиси непостоечко е сериозното истражувачко новинарство во Македонија што ги открива корупцијата и криминалот во политиката и бизнисот, пишува во последниот извештај Медиумската опсерваторија на Југоисточна Европа (СЕЕМО). Во извештајот, изработен од Игор Мицевски и Снежана Трпевска, детално се обработува и моменталната состојба кај новинарската фела, почнувајќи од професионалноста, па сѐ до ниските плати што ги демотивираат новинарите да се зафатат со истражувачко новинарство.

„Илустративен пример е судбината на неделникот „Фокус“, кој се фокусираше на истражувачко новинарство – уредниците и новинарите неколкупати се соочија со тужби за клевета или за навреда. Сопственикот на „Фокус“, Никола Младенов трагично загина во сообраќајна несреќа во март 2013 година, случај кој покрена многу контроверзни прашања во јавноста.

Општ заклучок е дека професионалноста во македонското новинарство е доста намалено во последната деценија. Ниските плати, несигурноста и стравот од губење на работното место придонесоа новинарството да биде една од најмалку пожелните и најмалку почитувани професии. Во ситуација каде што медиумите главно служат за партиско-политички и за приватни интереси, професионалното новинарство речиси исчезна. Дури и кога на новинарите поседуваат вештини и компетенции, тие стануваат ирелевантни кога ќе се соочат со вистински интереси во редакциите“, пишува во извештајот на СЕЕМО за Македонија.

Според проценките, повеќе од половина новинари во земјава се невработени – има приближно 1.130 новинари, од кои 500-700 се невработени. Ако просечната плата во Македонија е 350 евра, новинарите земаат во просек 250 евра.

„Сопствениците на медиумите ја користат оваа ситуација за да ја намалат цената на трудот на новинарот“, стои во извештајот.

Политичките актери, пишуваат авторите, вршат директен притисок врз уредниците и новинарите. Еден од новинарите за СЕЕМО илустрира: „Надлежниот за комуникации на владејачката партија се јавува и вели:

„Ова не смеете да го објавите“. Му се јавува директно на главниот уредник. Екстремноста на политичката колонизација е многу очигледна – кога новинарот ќе добие комплетно напишан текст од политичките центри со барање само да стави потпис на текстот“, пишува во извештајот за Македонија.

Синџирот во медиумите, според СЕЕМО, се одвива на следниот начин: Политички актери – газди на медиуми – уредници – новинари, што значи дека новинарите се крајната алатка во изработката на една сторија. Со други зборови, според СЕЕМО, тие се само клиенти во овој таканаречен „синџир на исхрана“.