Општина Кисела вода забранува кучиња без педигре во зградите!

by Фокус 15:40
15:40

Општина Кисела Вода донела одлука, објавена во службениот гласник, со која на жителите од општината во зградите им дозволува да чуваат исклучиво расни кучиња со педигре! Оваа одлука наиде на жестоки реакции од здруженијата за заштита за животните, бидејќи со ова му се забранува на било кој жител од општината да вдоми улично куче, што претставува типична дискриминација. Неофицијалните информации говорат дека голем број општини веќе ги имаат препишано овие одредби.

 

– Со ова, Македонија ја потврдува тезата дека стануваме се подискриминаторска држава. Од една страна се трудиме да издејствуваме вдомување на мешанчиња и улични кутриња, а од друга страна општините го стопираат овој процес. Зар само куче со педигре заслужува да има дом?! Сметаме дека со ова се нарушува правото на личен избор на граѓаните, се оневозможува хуманоста и вдомувањето на кутриња кои немаат лист хартија дека се расни, а сепак можат да ја дадат истата љубов како и оние со педигре – велат од здружението ААПЖ.

- Advertisements -

Здружението Анима Мунди веќе подготвува претставки до Уставниот суд, бидејќи сметаат дека станува збор за одлуки спротивни на Уставот. Една од најголемите забелешки на Анима Мунди е што општините носат одлуки со кои се бара согласност од колективната станбена зграда и од куќниот совет доколку некој сака да чува куче.

– Уставното начело предвидува дека на никој не може да му се ограничи сопственоста. Неповредливоста на домот е правото на сопственост се уставни правило! Со дел од општините успеавме да најдеме заеднички јазик, а за дел чекаме да се произнесат. Ние веќе подолго време работиме на оваа проблематика, поднесуваме свои предлози и амандмани. Кај оние општини кои нема да се произнесат во однос на нашите претставки во кои понудивме и помош околу изнаоѓање заедничко решение, ќе доставиме претставки до Уставниот суд. Имено, оспорената одредба не е добра ниту за поединецот, ниту за заедницата. Поединецот ќе биде принуден да го пушти својот миленик доколку не добие согласност од зградата или доколку нема педигре, а тоа ќе стане и проблем на заедницата, бидејќи ќе се намножи бројот на улични кучиња. Па така, наместо да го решат проблемот, тие би создале нов – велат од Анима Мунди.

Од општината Кисела Вода не одговорија на нашите повици, за да образложат од кои причини им оневозможуваат на граѓаните да спасат улично куче или пак да бидат принудени да се откажат од својот миленик доколку така одлучи куќниот совет.