На инвалид му давал плата од 100 денари, а „лапал“ субвенции од државата!

by Фокус

Пишува
Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Го злоупотребуваат трудот и болеста на лицата со хендикеп, за да се збогатат. Вака најкусо може да се објасни скандалот кој со години го прават дел од работодавачите во Заштитните друштва, кои доколку вработат лица со посебни потреби, добиваат субвенции од државата, поточно ослободени се од обврската да ги плаќаат здравствените и пензиски придонеси за овие вработени, бидејќи тоа наместо нив го прави државата. Исто така во просек добиваат и по 20 просечни нето плати за исплаќање на овие лица.

И се ќе беше во ред, доколку лицата со хендикеп не се користеа само како попатно средство за да се стигне до крајната цел, субвенциите.

За тоа како се вршат измамите раскажуваат најпогодените, оние кои неправдата ја осетиле на својот грб, но и здруженијата кои се борат за нивните права.

ЈА ИЗБРКАЛ ОД РАБОТА, ЗОШТО НЕ МУ ДАВАЛА ПРОЦЕНТ ОД ПЛАТАТА

Неодамна, можноста да се вработи во заштитно друштво ја добила 29-годишна девојка од Скопје, која има телесен инвалидитет. Била ангажирана во сметководниот и финансискиот сектор на фирма, која се занимава со увоз и извоз на козметички производи. Проблемите почнале да се јавуваат на само три месеци по нејзиното вработување.

Иако имам телесен инвалидитет, сепак сум високо образована, поради што го добив работното место и договорена месечна плата од 17.500 денари. По три месеци, газдата ми рече дека, на рака ќе треба да му враќам по 4.000 денари. Наредните три месеци, иако имав закани дека ќе ме избркаат, одбив да враќам од платата, по што бев избркана“, вели скопјанката, која денес работи во Здружението за телесни инвалиди „Мобилност“-Скопје.

Нашата соговорничка раскажува дека си заминала од работното место, бидејќи доколку останела и враќала по 4.000 денари од својата плата, тогаш и таа ќе станела соучесник во криминалот, што го прави заштитното друштво.

„Едноставно се помирив со ситуацијата и си заминав. Знам дека можев правдата да ја барам на суд, ама тоа се дополнителни нервози и стресови, кои не можам да си ги дозволам. За среќа сега сум вработена во „Мобилност“, а за жал, пак, тука слушам многу приказни како мојата. Многу од нашите членови имале слично искуство, враќале од платата, а има и такви кои се приморувани да работат прекувремено, а за тоа да не добијат ниту денар“, вели нашата соговорничка, која побара да остане анонимна, но се согласи да објавиме дека сега е дел од тимот на “Мобилност“ Скопје.

По десетина слични поплаки постојано стигнуваат во речиси сите здруженија во кои членуваат лица со интелектуален или физички хендикеп.

„И до нас стигнуваат вакви поплаки. Станува збор за лица со хендикеп, кои биле вработени во овие заштитни друштва, но кога ќе ја добиеле платата, работодавецот им барал половина сума, или дел, да му вратат назад. Поголемиот дел остануваат да работат и под вакви услови, бидејќи, за жал, немаат друг избор. Има и случаи кога ваквите вработени и воопшто не одат на работа. Односно седат дома и добиваат по 2.000 денари, додека овие заштитни друштва ги добиваат привилегиите од државата, наменети за овие лица“, вели Даниела Стојановска- Џинговска, од Здружението на студенти и младинци со хендикеп.

Таа додава дека невработеноста е еден од најгорките проблеми со кои се соочуваат членовите на ова здружение, иако станува збор за високо образовани млади лица.

ЗЕМАЛ ПЛАТА ОД САМО 100 ДЕНАРИ?!

Чувството дека некој заработува на твојот грб, го имал и млад, триесетгодишен скопјанец, кој верувале или не, неколку месеци добивал плата од само 100 денари.

Неправдата во здружението „Полио Плус“ ја раскажал братот на оштетениот скопјанец, кој е со интелектуална попреченост.

„Станува збор за млад човек, кој еден период земал плата од само 100 денари. Ова звучи неверојатно, но ги видовме банкарските извештаи. Вакви животни приказни слушаме постојано, па затоа мора институциите да се разбудат и да реагираат“, вели Елена Кочоска, програмски раководител за вработување и едукација во „Полио Плус“.

По шокантните информации, стапивме во контакт со семејството на оштетениот, но поради тоа што нивниот роднина сѐ уште работи кај истиот работодавач, се плашат да зборуваат јавно, за да не го избркаат.

„Таму работи веќе три години. Платата секогаш му е различна, од 6-7.000, а неодамна му беше намалена на само 100 денари. Дури, кога сопругот отиде да се побуни, последниве два месеци му префрлија по 5.000 денари“, вели роднина на вработениот.

Роднините раскажуваат дека рацете им се врзани, бидејќи кога ќе се побунат, работодавците им викаат да си го земат дома.

„Дома нема кој да се грижи за него. Вака барем таму има некаква обврска и му поминува времето. Затоа и не сакаме правдата да ја бараме на суд“, објаснуваат нашите соговорници.

Сведок на вакви злоупотреби бил и Томи Јаневски, кој имал работно искуство во неколку заштитни друштва. Вели дека се изнагледал секакви неправди и бел сведок на низа злоупотреби и мобинг.

„Како лице со целебрална парализа бев вработен во вакви друштва. Не дозволував работодавецот да си игра со мене, но за жал бев сведок на многу злоупотреби кои ги доживуваа моите колеги, кои имаа интелектуална попреченост. Во банка им се префрлаше целата плата, но утредента ги гледав како одат во канцеларија кај шефот и враќаат од 60 до 70 проценти од платата, а нив им остануваа по 5-6.000 денари. Освен што бевме најмалку платени, ја вршевме и најтешката физичка работа“, вели Јаневски.

Тој застанал во одбрана на своите колеги и ги посоветувал да не ги враќаат парите назад, по што бил викан на „превоспитување“ кај директорот, а по неколку месеци добил и отказ.

„Иако добив отказ, сепак вредеше мојата борба. Не можев да гледам како тоа им го прават на моите колеги, бидејќи и јас сум лице со хендикеп, објаснува Јаневски,“ кој сега е задоволен од своето работно место и веќе 2,5 години работи во Општина Карпош, во секторот за детска социјална заштита.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права истакнуваат дека досега не постапувале во случаи каде се јавува злоупотреба на лицата со хендикеп, но ги охрабруваат сите што биле оштетени, да ја побараат нивната помош.

ИНСТИТУЦИИТЕ И СЛУШААТ И ГЛЕДААТ, АМА СЛАБО РЕАГИРААТ

Од Министерството за труд и социјална работа истакнуваат дека се запознаени со дел од проблемите при вработувањето на овие граѓани.

„Државниот инспекторат за труд нема добиено претставка во врска со висината на исплатената плата, меѓутоа има случаи каде што одредени Заштитни друштва нередовно исплатуваат плата на вработените, односно доцнат со исплатата на платите, а поради неплатените придонеси, на вработените им се ускратува правото на здравствена заштита, која со оглед на здравствената состојба на оваа категорија истата им е неопходна. Во ваквите случаи, инспекторот на трудот со решение му наложува на работодавачот да ја исплати платата, а за непостапување по решението се поднесува барање за поведување на прекршочна постапка“, вели Маријан Гијовски, портпарол на Министерството за труд и социјална работа.

Тој додава дека Државниот инспекторат за труд, согласно програмата за работа, најмалку еднаш годишно врши надзор во Заштитните друштва, при што меѓу другото контролира дали инвалидизираните лица работат и ги остваруваат правата од работен однос или само формално се водат во работен однос. Од министерството не добивме конкретен одговор, што покажале контролите спроведени во текот на годината. Сепак ги предупредуваат Заштитните друштва дека мораат да ги почитуваат законските прописи.

„Според член 4б од Законот за вработување инвалидни лица, работодавачот е должен на вработеното инвалидно лице да му исплаќа плата согласно закон, колективен договор и договор за вработување на тековна сметка или штедна книшка, а платата може да ја подигне самото инвалидно лице, неговиот брачен другар, неговиот родител или старател“, велат од Министерството за труд и социјална работа.

Заштитните друштва се посебен вид фирми, што треба да имаат најмалку десет вработени, од кои 40 проценти треба да бидат лица со инвалидитет. Овие друштва се ослободени од плаќање на придонесите за овие лица, а за секое вработување, фирмата добива субвенции од 20 просечни нето плати, откако вработениот ќе наполни стаж од девет месеци. Значи, мора да се обврзе дека ќе го задржи работникот најмалку девет месеци, за да ја добие субвенцијата. Доколку станува збор за слепо лице или лице во количка, тогаш фирмите добиваат субвенција од 40 нето плати.

Од Агенцијата за вработување објаснуваат дека по тригодишно постоење на заштитните друштва, работодавачот може да побара субвенција и од 200 нето плати од посебниот фонд во Агенцијата, кои најчесто ги инвестираат во нова опрема.

ГОРКИОТ ВКУС ГО УБЛАЖУВААТ УСПЕШНИТЕ ПРИКАЗНИ

Покрај многубројните негативни примери, сепак во врска со вработувањето на лицата со хендикеп, има и позитивни приказни.

Благодарение на Проектот на УСАИД за практиканска работа и вработување на лица со попреченост, од август 2012 година, па до сега, вработени се 34 лица со попреченост, а 157 лица се стекнале со обука, за да полесно најдат работа.

Дел од оваа успешна приказна е 33-годишниот Демир Демировски од Куманово, кој поради неговите пречки во говорот и слухот, досега не можел да најде работа. Со помош на тимот на УСАИД, успеал да најде работа во компанијата „Алфи Би“, како помошник магационер.

„Јас сум презадоволен од односот со моите колеги. Тие ме прифатија на најдобар можен начин, ми помогнаа многу во совладувањето на работните задачи, а и паузите ги минуваме заедно“, вели Демо, кој е пресреќен што има можност самиот да ги прехранува своите две деца и сопруга.

Заштитната компанија „Пронто“ од Куманово има 17 вработени, од кои седум се лица со попреченост. Компанијата ги користи бенефициите кои ги нуди Законот за вработување на инвалидни лица.

„Ние ги користиме дополнителните средства од страна на државата за да ги адаптираме работните места наменети за лицата со попреченост, и воедно добиваме посветени, лојални и одговорни работници. Нашата цел е и да бидеме перцепирани како општествено одговорна компанија и да изградиме позитивен имиџ на различност“, вели Светлана Ѓоргиевска, сопственик на „Пронто“.

Според податоци на „Полио Плус“ државата од 2000 година го обезбедува Посебниот фонд за вработување на инвалиди со околу 3 милиони евра годишно, а пак, фондот со овие пари обезбедува бенефиции за околу 2.500 работници со хендикеп, во нешто помалку од 300 заштитни фирми. Вистинското прашање е колку од овие средства заминуваат во вистински раце?

Истражувањето е подржано од ЦИН СКУП Македонија во рамките на проектот „Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачко известување“