Четири години спие на клупа и моли за помош

by Фокус

Пишува
Валентина Стојанчевска

Дваесет и тригодишниот Мемиш Гарп веќе четири години живее под ведро небо. Неговата постела најчесто е некоја клупа во парковите, а само понекогаш има шанса да ја почувствува топлината на постелата кога познаниците ќе се сожалат и ќе му дозволат да преспие кај нив.

Судбината си поиграла со Гарп уште кога бил бебе. Се родил во Пробиштип во 1991 година, а само една година подоцна починала неговата мајка. Tаткото не го познава, слушнал само дека живее во Србија.

Иако не успеал да ја запознае мајка му сепак до 2006 година имал убаво детство. За него се грижеле баба му и дедо му, но кошмарот почнал по нивната смрт. Откако починале продолжил да живее во истата куќа, каде што живеел и вујко му.

– Прво останав сам на овој свет, а потоа и без покрив на главата. По смртта на баба ми и на дедо ми, животот ми се претвори во кошмар и повеќе не можев да го издржам притисокот од вујко ми. Ме избркаа од куќата, каде што законски ме следува барем една соба. Оттогаш спијам каде што ќе најдам. Најчесто преспивам на клупа во државната болница, вели Гарп, на чие што лице се видливи трагите кои ги оставил студот, но и жешкото сонце.

Гарп тропнал на многу врати, никаде не добил помош, но не бара социјална помош, бидејќи е способен за работа. За да застане на нозе потребна му помош од институциите и од хуманите луѓе.

– Ми требаат околу 2.000 денари за да аплицирам за добивње на социјален стан, како дете без родители. Дел од парите ми се потребни за да ги извадам потребните документи, а 750 денари должам за болнички трошоци во кумановската болница, каде што се лекував. Бидејќи немав пари, ми ја задржаа личната карта, објаснува Гарп, кој вели дека рокот за аплицирање му истекува за два дена.

За еднократна помош се обратил во Центарот за социјални работи, за да ги обезбеди потребните документи, но оттаму му одговориле дека помошта ќе го следува откако ќе заврши со апликацијата за станот.

Несреќното момче неколку пати својата тажна приказна ја раскажал во јавноста, но наместо помош, бил злоупотребен.

– По објавувањето на мојата сторија во еден медиум, се јави една приватна фирма која се понуди да ме вработи. Си направија реклама, а по две недели, ми реко дека им се намалила работата, па кога ќе имаат потреба, повторно ќе ме побараат. Исто така, од социјалното ми понудија место за живеење, но тоа беше една руинирана соба во Добрево, од каде што и глушец би избегал, вели Гарп.

Бидејќи нема дом, Гарп можете да го сретнете низ улиците на Пробиштип, Куманово и на Скопје. Вели дека патува со автостоп, во потрага по подобро утре. Не поседува ниту мобилен телефон, но замолува доколку некој сака да му помогне да го остави телефонскиот број во „Фокус“, а тој ќе најде начин да ги контактира.

– Се прашувам кога надлежните ќе ги отворат очите и ќе погледнат дека на нивните сограѓани им треба помош. Не барам многу, само шанса за живот, ја завршува својата приказна Гарп, со надеж дека сепак судбината ќе му се насмевне.